КОВИД-19

Здравствените експерти сè повеќе го вртат вниманието кон еднодозната вакцина на „Џонсон и Џонсон“

11.03.2021 12:52

Европската агенција за лекови решава за употреба на вакцината на „Џонсон и Џонсон“. Доколку биде одобрена, блокот ќе ја добие четвртата со која ќе се бори против пандемијата со Ковид-19. Имунизацијата се одвива со забрзано темпо, но бројот на заразени и натаму расте. Во Бразил регистрирани рекордни 2.286 смртни случаи во едно деноноќие...

Во трка со времето и под притисок на мутациите на новиот коронавирус, светските здравствени експерти сè повеќе го вртат вниманието кон еднодозната вакцина на „Џонсон и Џонсон“. Имунизацијата во Европа досега се спроведуваше со производите на „Фајзер“, „Модерна“ и „АстраЗенека“. Но, Данска од денеска ја паузира соработката со последната откако кај одредени пациенти било забележано згрутчување на крвта по примените дози.

Паузирањето на употребата на „АстраЗенека“ е правилна одлука до моментот кога ќе имаме доволно медицински заклучоци дека треба да продолжиме. И јас сум вознемирена како и сите други за ова и за потенцијалните последици, но веројатно е прерано да носиме заклучоци. Употребата на вакцините е исклучиво медицинска проценка, базирана е врз одобрението на Европската агенција за лекови. Одлуката не е политичка“, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.

Шпанија, како едно од европските жаришта, се затвора делумно пред велигденските празници. Од 26 март до 9 април се забранува движење меѓу континенталните региони.

Целта е заедничка, треба да спасуваме животи, а не празнични недели и други прослави. Поради тоа, воведуваме затворање на регионално ниво. Ова нема да се однесува на Канарските и Балеарските Острови“, изјави Каролина Даријас, министерка за здравство, Шпанија.

Потеклото на вирусот останува меѓу приротетните предизвици. СЗО го лоцира проблемот во трговијата со диви животни. Според експертите, мала е веројатноста пандемијата да била резултат на несреќа во лабораторија во кинскиот град.За идната недела се очекува извештај со првичните заклучоци од мисијата во Вухан.

 

Маја С. Филдишев