Битолчани им одадоа почит на жртвите на холокаустот
Скромно, но со многу емоции битолчани им одадоа почит на нивните сограѓани евреи, жртви на холокаустот. Половината од депортираните македонски евреи, односно 3.351 беа битолски евреи, насилно депортирани во злогласниот логор „Треблинка“.

Битолчани годинава скромно чествуваа, но уште еднаш докажаа дека никогаш нема да заборават на еден од најтажните денови од историјата на градот. Денот кога мултиетничкото дрво за навек остана осакатено. Цела етничка заедница од близу 800 семејства насилно биле собрани и депортирани во злогласниот логор Треблинка. Сеќавањата на повозрасните битолчани и денес се прераскажуваат. Градоначалничката Петровска вели, често го слушала кажувањето на нејзиниот свекор, кој тогаш бил само деветгодишно дете.
Во услови на пандемија, протоколи и без гости од надвор, со букет свежо цвеќе и засадување на три јапонски цреши, уште една беше испратена универзалната порака.
Во рамките на чествувањето беше воспоставена интернет врска со пријателите од Израел на која беа споделени настаните што се случуваат таму и во Битола.
Стевче Митревски
