Филиче: Нема нерегуларности при набавката
Министерот за здравство Филипче тврди дека при комуникацијата за набавка на 200 илјади кинески ванкцини од „Синофарм“, не е направена каква било нерегуларност, туку некој свесно се обидува да го поткопа целиот процес на имунизација. Според него, не станува збор за ништо незаконско и нерегуларно, ниту станува збор за некави провизии за што деновиве обвинува опозицијата...

Министерот за здравство ги демантира информациите на „Ла Верита“ дека фантомска фирма посредувала во набавката на кинеските вакцини. Вели не станува збор за незаконска постапка или провизии. Првиот обид за набавка на вакцините бил директно со производителот Синофарм, МНР и Кинеската амбасада во Скопје, тврди министерот. Откако не добиле повратни информации оттаму, стапиле во контакт со фирмата која се понудила да посредува. Во сите постапки кои се воделе вклучена била нашата амбасада во Пекинг, која контактирала со кинеското МНР, посочува Филипче. Од Пекинг добиле одговор дека во постапката не е неопходен посредник, туку тие ќе се ангажираат и вакцините ќе ги набавиме директно од производителот. Тогаш владата го повлекла авансот и постапката ја продолжила според насоките на кинеското МНР.
„Ние и со фирмата посредник стигнавме до вакцините, но препораката од кинеското МНР беше друга и ние ја испочитувавме, овде нема ништо сомнително. Гледате каква битка во светот има за да се стигне до вакцини. За какви провизии и фантомски фирми сме обвинети, кога средствата се вратени. Не станува збор за никакви манипулации, едноставно ги пратиме насоките од кинеското министерство за надворешни работи“, нагласи министерот Филипче.
Од ВМРО – ДПМНЕ бараат одговорност од министерот за здравство. Филипче треба да одговори дали има преддоговор со фантом-фирмата и во која има само тројца вработени. Прашуваат дали ќе ги објави сите документи поврзани со фирмата каде што провизиите биле поважни од набавката.
„Апелираме уште еднаш до Јавното обвинителство да се вклучи во истрага за ова бидејќи ова е сериозен сомнеж за злоупотреба службена должност на сметка на здравјето на граѓаните, каде што државата трчала по провизии преку фантом фирма, уплатила и одреден аванс, кој што потоа бил вратен, а сѐ уште немаме вакцини, а имаме многу заболени и многу жртви“, изјави Антонио Милошоски, ВМРО – ДПМНЕ.
Процесот за набавка на 200 илјади вакцини е во тек – тврди министерот за здравство. Според најавите до крајот на март од производителот „Фајзер“ треба да стигнат 20 илјади вакцини. Тогаш се очекува да пристигнат меѓу 20 и 25 илјади вакцини на компанијата „АстраЗенека“.
Андријана Атанасовска
