Политика

Попис во септември, локални избори во ноември бара Мицкоски

11.03.2021 15:36

Во писмо до амбасадорите во земјава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предлага- одлагање на пописот за септември поради ковид кризата, а локалните избори да се одржат во првата половина од ноември...

Попис во септември, а локални избори во ноември бара лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку писмо упатено до амбасадорите во земјава. Писмото го упатил од Инфективната клиника посочувајќи дека проблемот во немањето консензус околу пописот е само во владата на Заев и затоа е потребно одлагање на статистичката операција. Во поларизирано општество како нашето, прашањата мора да се решаваат со целосен политички консензус – вели Мицкоски.

Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостаток на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред сѐ на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза, ние можеме повторно да се насочиме на пописот- пишува во писмото до амбасадорите.

Ситуацијата на терен се менува на дневно ниво, се плашам дека одиме кон уште еден голем предизвик за јавното здравје. Во оваа насока пописот би можел да создаде ковид кластери, вели шефот на ВМРО- ДПМНЕ и предлага:

„Пописот да биде одложен за септември, тоа ќе остави време за набавка на вакцини и вакцинација на сите попишувачи, со што ќе се минимизира штетата по јавното здравје. Во насока за институциите да можат да се посветат целосно на пописот, предлагам локалните избори да се одржат од 1 до 15 ноември.

Заразените од ковид и личните трагедии на илјадници семејства во земјава треба да бидат аларм суштински да се дејствува, порачува Мицкоски во писмото до дипломатските претставници во земјава.

 

Миле Ристески