Претставен оперативниот план за програми и мерки за вработување

11.03.2021 16:37

Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, во соработка со УНДП го презентираа оперативниот план за активни програми и мерки за вработување на пазарот на труд за 2021-ва година. Во неговата реализација ќе бидат користени, освен буџетски и средства на програмата за развој на Обединетите нации...

Дел од огласите за мерките од оперативниот план се веќе објавени, над 10 илјади лица кои останале без работа ќе може да аплицираат, со над 24,5 милиони евра од државната каса и европските фондови ќе се ублажуваат негативните ефекти од ковид кризата. Поддршката нема да биде селективна- уверува Владата. На прашањето како ќе бидат регрутирани кандидатите ако неколкумина од различна етничка припадност подеднакво ги исполнуваат условите, велат, изборот ќе се прави според истиот принцип на нивна застапеност во општеството.

Поддршка за обука и вработување на 150 лица со попреченост и со хронична болест, стекнување на вештини за нивно активирање на пазарот на труд. Околу 30 илјади денари месечен надоместок ќе добиваат обучувачите кои ќе ја спроведуваат. Мерката „Самовработување“ предвидува десет илјади евра грант, за субвенциите за плати месечно до 19 илјади денари.

Лани, според Владата оперативниот план бил реализиран со над 94 проценти. Годинава буџетот за оваа намена е зголемен за четири милиони евра поради зголемениот бројот загубени работни места во време на ковид кризата. Вицепремиерот Битиќи со порака, во тек се инвестиции кои ќе генерираат три илјади нови работни места за активните чинители на пазарот на труд.

 

Сузана Фиданска Стоевска