Зошто е важна рамнотежата во животот и како да се постигне

11.03.2021 16:47

Еве како практично може да изгледа нашата анализа на самите себе и на нашиот живот, а важно е да носиме одлуки што сакаме од животот и како ќе го поправиме тоа.

Животот е испреплетен со разни значајни сегменти кои прават една целина. За да бидеме задоволни од својот живот и да не дозволиме да не носи како река, треба активно да го креираме, претходно размислувајќи на кое поле ќе му дадеме приоритет, што нѐ чини среќни, дали е тоа семејството, работата, љубовта, здравјето, пријателите, финансиите... Но без разлика на приоритетот, тој не треба да биде единствено поле на делување, туку да се постигне баланс или хармонија, затоа што сѐ е меѓусебно поврзано. Најпрво треба да се направи резиме, односно да се запрашаме колку сме задоволни од сите полиња на нашето битисување и што може да направиме да ни биде подобро.

Еве како практично може да изгледа нашата анализа на самите себе и на нашиот живот, а важно е да носиме одлуки што сакаме од животот и како ќе го поправиме тоа.

1 Размислете колку сте задоволни од здравјето, од приватните и професионалните односи, од сам себе. Доколку нешто ви прави нелагодност, тоа е знак дека не сте во рамнотежа.

2 Одлучете дали сакате некаква промена или не. Поточно одлучете дали сакате да превземете одговорност за својот живот или ќе дозволите тој само да се случува.

3 Подгответе се  дека тоа ќе потрае. Промените на навиките не се случуваат преку ноќ. За нив ќе ви требаат неколку недели или можеби  месеци, но, не се откажувајте. Побарајте поддршка од блиските ако ви е тешко да издржите.

4 Составете реален попис на своите цели, поврзани со здравјето, со односите, со менталната и емоционалната состојба, работата и финансиите.

5 Засукајте ги ракавите и тргнете. Не очекувајте чудата да се случуваат сами, зашто волшебни стапчиња постојат само во бајките. Полека менувајте ги своите навики и средувајте си го животот.

6 Следете што ви се случува и бодрете се. Секоја вечер размислете што добро сте сториле за вас. Бидете задоволни со секој, макар и најмал напредок. Подгответе се за следниот ден да направите ново поместување на подобро. Со мали чекори се оди полесно до целта. Големите очекувања и напори, носта и поголеми разочарувања, па можеби и откажување од патот. 

Теоретски изгледа лесно, но воопшто не е едноставно да си признаеме дека не сме доволно успешни, или дека имаме лоши навики. Особено тешко се прифаќаат последиците од нашите избори- дека сами сме одговорни, а не другите луѓе и околностите, на кои често им ги припишуваме неуспесите или грешките. Не се обвинувајте за тоа што сте го правеле порано, затоа што тогаш толку сте знаеле и можеле. Но, со градење на повисока свест за себе и за животот, можете да станете подобра и посреќна личност.

Соња Стојановска