Промовирана евровизиската песна „Here I stand“
„Особено сум горд што ќе ја преставам Македонија со „Here I stand“, една искрена песна, во која влегувам со отворена душа и многу љубов. Иако песната ме отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите“, вели македонскиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев...

Евровизиската песна „Here I stand“ со којашто Васил ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија прмовирана денес во Дневник 1 на МТВ. Песната е работена според музика и текст на Васил, а за аранжманот и продукцијата се погрижија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Музиката за песната се снимаше во студиото FAMES, со оркестар во живо, под диригентската палка на Олег Кондратенко, а нотите ги распиша Владимир Ботев.
Вокалот на Васил се снимаше во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а придружните вокали во Чикаго.
„Особено сум горд што ќе ја преставам Македонија со „Here I stand“, една искрена песна, во која влегувам со отворена душа и многу љубов. Иако песната ме отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите, односно ќе допре до сите нас кои сме минале низ трнлив пат, сме воделе тешки битки и повторно на крајот сме ја зачувале насмевката. Се надевам дека пораката за верба и надеж за подобро утро ќе ни помогне заедно да пребродиме сѐ што ни се случува“, изјави Васил Гарванлиев.
За песната е изработен и видео запис на повеќе локации, отсликувајќи го процесот на снимањето на песната во студиото FAMES, дел од сцените се снимани во Даут Пашин Амам во Скопје, а во спотот се прикажуваат и кадри од Културниот Центар во Чикаго, каде Васил поминувал многу време со Детскиот Хор од Чикаго.
Спотот во Скопје го снимаа и монтираа Ѓорги Вацев и Борче Димовски од Digital Box, а режијата е на Васил Гарванлиев. За стајлингот се погрижи Signori.
Годинава секоја земја мора да обезбеди снимка од настап во живо на својот претставник, а МТВ во дадениот временски рок успешно го реализираше овој проект во соработка со РТС, во едно од студијата на РТС на Кошутњак, Белград, запазувајќи ги сите пропишани стандарди на ЕБУ, кои одговараат на големината на едно музичко шоу и телевизиски спектакл каков што е Евровизија.
Сценскиот настап на Васил го работи искусен тим од Шведска, Тине Матулеси и Мари Рибергер, кои беа задолжени и за сценскиот настап на Тамара Тодевска во 2019-та година.
Костимот за сценскиот настап е дело на костимографот Раде Василев.
