САД: До 1 мај термин за вакцинација за сите
До 1 мај сите повозрасни граѓани да добијат термин за вакцинација, вакцини да се продаваат и во аптеки - американскиот претседател Џо Бајден во своето прво обраќање од Белата куќа говореше за колективната борба со пандемијата. Изрази надеж дека Американците ќе можат безбедно да се соберат барем во мали групи за 4 јули за да го направат Денот на независноста посебен.

До 1 мај сите повозрасни граѓани да добијат термин за вакцинација, вакцини да се продаваат и во аптеки, а секој Американец кој се соочува со тешка економска состојба ќе добива месечна парична помош и други олеснувања. Американскиот претседател Џо Бајден во своето прво обраќање од Белата куќа говореше за колективната борба со пандемијата како и за визијата за враќање на земјата во нормала во текот на летото.
„Борбата е далеку од готова. Поврзани сме во загубата и болката во деновите што поминаа, но исто така сме поврзани со надежта и можностите во деновите пред нас“, рече Бајден.
Изрази надеж дека американците ќе можат безбедно да се соберат барем во мали групи за 4 јули за да го направат денот на независноста посебен.
„По оваа долга и тешка година која ќе го направи Денот на независност посебен, се надевам дека ќе ја одбележиме нашата независност како нација, но независноста од вирусот“, нагласи Бајден.
Бајден предупреди дека таа „цел“ ќе зависи од соработката на граѓаните со следење на упатствата за заштита на јавното здравје и со забрзување на вакцинацијата.
Бајден меѓудругото потпиша одлука за спроведување на планот за финансиско закрепнување на американските граѓани од пандемијата. Пакетот обезбедува финансиска помош за повторно отворање на училиштата, можности за тестирање на населението за коронавирус и дистрибуција на вакцини во САД.
„Верувам дека овој момент ќе биде запаметен како момент кога сме се соочиле и сме го надминале еден од најтемните периоди во историјата на оваа нација, и ќе излеземе посилни од ова“, изјави американскиот претседател.
Обединети нации: Поделбата на вакцините најголемиот морален тест
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги осуди богатите земји за национализам и трупањето вакцини. Предупреди дека некои сиромашни земји сè уште не добиле ниту една доза, додека богатите се на пат да обезбедат вакцини за сите своите жители.
„АстраЗенека“: Дополнително намалување на испораката на вакцини
Фармацевтската компанија „АстраЗенека“ ја намали прогнозата за испорака на вакцини за Европската унија во првото тромесечје на колу 30 милиони дози, односно една третина од договореното. Тоа претставува пад од 25 проценти во однос на ветувањето дадено минатиот месец.
По одлуката на Данска, Норвешка и Исланд да ја прекинат вакцинацијата со вакцината на „АстраЗенека“, Германија, Шпанија и Франција соопштија дека ќе продолжат да ја користат вакцината на британско-шведскиот производител.
СЗО соопшти дека нема докази дека вакцината на „АстраЗенека“ може да го загрози здравјето на луѓето.
Марина Ристова
