Ковид-19

Проблеми со вакцинацијата во ЕУ

12.03.2021 15:05

Недостигот на вакцини против Ковид-19 се зголемува во Европската унија. По објавата дека „АстраЗенека“ ќе го намали количеството вакцини што треба да ги испорача на Унијата, од Брисел инсистираат производителот да го почитува договореното. Брисел одобри четири вакцини, и си постави цел до крајот на јуни да има 300 милиони дози...

Европската унија има одобрено четири вида на вакцини против Ковид-19, но има проблеми со снабдувањето од страна на договореното со производителите. „АстраЗенека“ објави дека ќе испорача за 30 проценти помалку вакцини против коронавирусот на Европската унија. Брисел преговара со фармацевската компанија да го исполни договорот за испорака на вакцините за унијата.

„Од АстраЗенека соопштија дека имаат проблем со производството на вакцини во Европа. Но ние посочивме дека раководството на производителот мора да ги презеде сите мерки да го исполни договореното“, рече Тиери Бретон- еврокомесар за внатрешен пазар.

Првите дози од најново одобрената вакцина на „Џонсон и Џонсон“ се очекува да бидат испорачани во ЕУ во втората половина на април.

„Во контакт сме со Џонсон и Џонсон и со другите производители за да се обезбеди потребното количество на вакцини. Од почетокот на април очекуваме зголемување на испораката на вакцини по 100 милиони од секој производител, исто така и во наредниот месец, за да до крајот на јуни имаме 300 милиони дози“, изјави Штефан Де Кирмаркер-портпарол на ЕК.

Целта на ЕУ е да се вакцинираат сите што сакаат што е можно побрзо, и до крајот на летото да биде вакцинирано околу 70 проценти од населението во Унијата.

 

Ирина Гелевска