Искреното простувањето е чин на ослободување

13.03.2021 17:34

Простувањето како верски христијански обичај не треба да се сфати само како формалност, еднаш во годината на Прочка, туку како внатрешно длабоко чувство за ослободување од насобраните емоции и отрови во себе од бесот, гневот и тагата за неправдата што ни е направена...

Кога некому му замеруваме за нешто и постојано мислиме на тоа како ни е нанесена неправда, зло, тогаш во нас се јавува лутина, бес, огорченост, обвинување, осудување. Се чувствуваме како жртва и носиме отровни доживувања во себе. Поентата е ментално да се оттргнеме од личноста или од ситуацијата, и да не се бавиме веќе со нив, затоа што тоа ќе не јаде одвнатре и ќе носиме тежина во душата. Простуваме поради себе си , а не поради другите, зашто најмалку што можеме да направиме за себе е да бидеме во мир со својата душа. За тоа треба време и трпение. Сте простиле тогаш кога кога на тој што ве навредил искрено му посакувате се најубаво, без разлика дали ќе го исклучите од вашиот живот или не. Сте простиле ако на оној кој не бил добар кон вас му помогнете ако побара помошод вас. Простувањето е ослободување, слобода на душата... Не мразиме туку сме благодарни зашто некој всушност ги освестил во нас нашите вредности и добрината, па дури и нема што да му простиме. Простувањето и луѓето на кои им простувате му служат на вашиот личен раст и развој.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Големиот христијански празник Прочка или Велики поклади се празнува одамнина пропратен со разни обичаи кои што имаат и религиски и пагански корени. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Прочка е премин меѓу зимските и пролетните празници, после неа почнува најголемиот, велигденскиот пост кој трае седум недели. Ова чистење на душата и на телото е во пресрет на најголемиот христијански празник Христовото Воскресение-Велигден.

Соња Стојановска