Триесет дневен притвор за Камчев

14.03.2021 17:13

Приведен бизнисменот Јордан Орце Камчев. По распитот во Кривичниот суд, однесен е во 30 дневен притвор во Истражниот затвор Скопје. Тоа го побара обвинителството поради информации од Агенцијата за национална безбедност дека бизнисменот се подготвувал за бегство. Неговиот бранител Менкиновски, рече дека е ова садизам. Вели- пасошите на Камчев се одземени, гарантирал и со имот, па не можел да ја напушти земјава. Камчев е осомничен во истрагата за предметот „Плацеви на Водно“, што се однесува на перење пари...

„Какво бегање, тоа е чиста глупост“- ова беа кусите коментари на осомничениот бизнисмен јордан Орце Камчев при влегувањето и излегувањето од судот, кој му определи 30 дена притвор. Таква мерка побара Обвинителството за гонење организиран криминал за предметот „Плацеви на Водно“, по добиени информации дека планирал да побегне од државава.

„Врз основа на сознанијата на Агенцијата за национална безбедност дека Јордан Камчев се подготвува за бегство, Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода. Јордан Камчев е едно од шестте осомничени лица за кои во октомври минатата година, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка заради постои основано сомнение дека сториле кривично дело – перење пари и други приноси од казниво дело“, велат од обвинителството.

Адвокатот на Камчев, Тони Менкиновски најави жалба на одлуката на судот, која ја нарече садистичка. Според него, определената мерка притвор е без никаква основа. Менкиновски реагираше дека од полицајците му било било кажано дека Камчев е приведен поради „изборна измама“. Тој го доведе во прашање и кредбилитетот на обвинителката Стефанова, која го застапува предметот „Плацеви на Водно“.

Бизнисменот Камчев најпрвин беше приведен во полициската станица во Карпош, а потоа беше донесен во Кривичниот суд во Скопје на распит пред судија на претходна постапка.

Бизнисменот Камчев е еден од осомничените во истрагата за предметот „Плацеви на Водно“. Во неа, првоосомничен е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој според наводите на обвинителството, купувал плацеви со пари од донации за партијата. Како што кажаа тогаш од обвинителството, станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри. Осомничени во предметот се и поранешниот шеф на УБК, Мијалков, кумот на Груевски, Нагачевски, како и мајката на Камчев. Инаку, бизнисменот е осомничен и во предметот „Империја“.

 

Марија Котовска