Земјоделство

Опасноста од раните пролетни мразови сѐ уште не е помината

15.03.2021 10:08

Опасноста од раните пролетни мразови сѐ уште не е помината, но според агрометеоролозите оваа недела не се очекуваат ниски утрински температури кои можат да наштетат на овошките. Последните врнежи од дожд минатата недела повторно беа добредојдени за есенските посеви.

Досегашните временските услови им одат во корист на земјоделците, особено на овоштарите, бидејќи во овој момент опасноста од обновувањето и будењето на вегетацијата е најизразена.

Можноста да дојде до негативни минимални температури кој може да предизвикаат штети во наредниот период е сѐ уште голема, заради тоа што скоро никаде не се поминати просечните датуми на последна појава на мраз во пролет, освен во Дојран.

Земјоделците треба да знаат, велат агрометеоролозите, дека температурите од -4 степени се критични за фазата на затворен цвет, а -2  во фаза на отворен цвет кај коскестите овошки.

Последните врнежи беа повеќе од добредојдени за растворањето на минералните ѓубрива кои беа употребени за прихрана кај есенските посеви.

Прогнозите за повторното благо заладување кое се очекува неделава со температури кои нема да го надминат тринаесеттиот степен, и со утрински минимални до само -2 степени како и променливото време со повремени врнежи од дожд треба да им овозможат на земјоделците оптимални услови за изведување на работи на отвоено и помалку страв од какви било штети од измрзнувања.

 

Методија Трајков