Германија: ЦДУ ги загуби изборите во две покраини
Популарноста на ЦДУ се намали поради стратегиите за справување со коронавирусот, но пресуден за поразот беше скандалот со набавка на маски за пандемијата поради што неколку пратеници поднесоа оставки.

Демохристијаните на германската канцеларка Ангела Меркел доживеаја пораз на регионалните избори во две федерални покраини. Гласањето за законодавните тела во Баден-Виртемберг и Рајнланд-Фалц го означи стартот на маратонот до федералните избори на 26 септември кога се бира новиот челник на владата на најмоќната европска економија со која последниве 16 години раководеше Меркел. Популарноста на ЦДУ се намали поради стратегиите за справување со коронавирусот, но пресуден за поразот беше скандалот со набавка на маски за пандемијата поради што неколку пратеници поднесоа оставки.
„Тоа беше и непријатно и проблематично за кампањата. Но поважно е што ние како ЦДУ зазедовме цврст став и го расчистивме хаосот и во парламентарната група и во партијата. Во ЦДУ нема место за оние што се збогатуваат за време на криза. За тоа се применува политика на нулта толеранција“, изјави Паул Цимјак, генерален секретар на ЦДУ.
Во Баден-Виртемберг победи Зелената партија, а во соседната покраина Рајнланд-Фалц Демохристијаните загубија од Социјалдемократската партија (СПД). Ултрадесничарите од „Алтернатива за Германија“ имаа полош пласман од оној во 2016 година, но останаа трета најмоќна сила и на двете места.
„Одличен старт за одлична изборна година за нас. Се надеваме дека ќе успееме да го заземеме кормилото во двете покраини со полна пареа и да го зголемуваме темпото во наредниот месец, движејќи се напред“, рече Роберт Хабек, Зелена партија на Германија.
„Во двете покраини постои прогресивна влада која гледа кон иднината. Тоа е возможно без ЦДУ. Демохристијаните треба да го согледаат катастрофалниот пораз во двете покраини кој не е само поради скандалот со маските“, изјави Норберт Валтер Борјанс, Социјалдемократска партија на Германија.
Во јануари ЦДУ го избра Армин Лашет за нов партиски лидер. Двојниот пораз ги доведе во прашање неговите шанси дали покрај лидерската ќе ја преземе и канцеларската функција на септемвриските избори.
Маја С. Филдишев
