„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е прогласен за роман на годината
Романот „Скриени желби, немирни патувања“ на авторот Владимир Јанковски е прогласен за роман на годината. Според комисијата, овој роман е оригинална и впечатлива иновација во македонската литература. Наградата ја доделува Фондацијата Славко Јаневски и освен статуетка носи и паричен дел од 150 илјади денари...

Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни, бидејќи прикажуваат за живот полн со нијанси, не црно-бел, туку со различни перспективи, рече Владимир Јанковски, добитникот на наградата на Фондацијата Славко Јаневски- „Роман на годината“. Според Јанковски, приказните се извонредно важни поради скриените желбите, немирните патувања каков што е романот што годинава беше избран за најдобар.
„Скриени желби, немирни патувања“ е оригинална, впечатлива иновација во македонската литература, вели писателката Малеска, посочувајќи ја мозаичноста на романот на Јанковски.
Делото го објави издавачката куќа „Антолог“. Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22-ри пат, а годинава романот на Јанковски беше избран во конкуренција на 41 книга.
Ана Јосифоска Тодоровска
