Крим ќе се интегрира во Руската Федерација до 1 јануари 2015-та
Новите власти во Киев стравуваат дека Москва нема да застане на Полуостровот. Предупредуваат на руски фашизам и советизација на регионот...

Рускиот уставен суд го верификуваше потписот што претседателот Путин вчера го стави на договорот со кримските власти за анексија. Документот официјално ќе стапи во сила кога ќе го ратификуваат двата парламенти.
Крим ќе се интегрира во Федерацијата до 1-ви јануари наредната година. Путин порача светот да ги отвори очите и да го погледне украинскиот национализам. Новите власти во Киев стравуваат дека Москва нема да застане на Полуостровот. Предупредуваат на руски фашизам и советизација на регионот.
„Втората светска војна почна кога фашистичка Германија анектираше територии од други држави. Денес рускиот претседател Путин, кој сака да зборува за фашизам, ги повторува фашистичките акции, анектирајќи територија на независна држава признаена од целиот свет“, вели Олександер Турчинов, преоден претседател на Украина.
Преодниот премиер Јаценјук ги прати министерот за одбрана и заменик премиерот да се погрижат конфликтот да не прерасне во вооружен судир откако паднаа првите жртви. Еден украински војник загина вчера во Севастопол, а денес во Симферопол уште еден украински и еден проруски војник беа застрелани од снајпер.
„Конфликтот премина од политички во воен, поради акциите на руската војска. Слушнавме дека има ранети украински војници“, вели Олександер Турчинов, преоден претседател на Украина.
Кримската самоодбрана постепено ја презема контролата. Без истрелан куршум, 200 маскирани војници од проруската самоодбрана ја зазедоа базата на украинската морнарица во Севастопол. Украинската војска очајно се обидува да ја заштити границата кај Донецк без притоа да стрела кон луѓето што ги смета за свои браќа.
Киев на друг фронт, се соочува со економски колапс. Во тек се разговори со ММФ, но новата власт се заканува и со национализација на руски имот во Украина и во странство, како надомест за национализацијата на украински имот на Крим. Преодниот премиер Јаценјук навести и зголемување на данокот за најбогатите Украинци.
Ивана Салтировска
