ЕИБ ќе продолжи да инвестира во проекти за побрзо закрепнување на економијата

15.03.2021 20:55

Од Европската инвестициска банка добивме охрабрување за нашите планови и проекти во пост-ковид периодот, особено за рестартирањето на економијата и враќањето на развојот во земјата, изјави премиерот Зоран Заев по средбата со генералниот директор на баката, Вернер Хојер. Во Луксембург на средбата со Заев и Бесими, Хојер ја обелоденил одлуката на ЕИБ за отворање свое претставништво Скопје...

Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе продолжи да инвестира во проектите за побрзо закрепнување на економијата од последиците од пандемијата со Ковид-19, со посебен фокус на малите и средни претпријатија, како и за проекти од зелената агенда за инвестиции во обновлива енергија, енергетска ефикасност и дигитализацијата, како дел од програмата што произлегува од економскиот инвестициски план за Западен Балкан.

Ова е заедничкиот заклучок од средбата на премиерот Заев и министерот за финансии Бесими со претседателот на Европската инвестициска банка, Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.

Решени сме да ја следиме Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроинтеграциите, предложивме отворање претставништво на банката во Скопје, најави Хојер.

На средбата во Луксембург на владината делегација со ЕИБ, најавени се нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија во 2021 година. Банката досега во земјава инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти, поддржувајќи клучни сектори на економијата - инфраструктурата, енергијата и транспортот.

 

Миле Ристески