Како да се справите со бесот и лутината на детето?
Родителството е најтешката „професија“на светот и од нас вади емоции во кои тешко се препознаваме. Од најголема нежност и љубов, до очај и гнев кога не оди како што мислиме дека треба. Како да се справиме со бесот на детето кога нешто сака да постигне, а ние како беспомошни, го губиме авторитетот на родител?

Децата ја развиваат емоционалната интелигенција кога ги учиме дека сите видови однесување се прифатливи и дека секогаш постои избор на начинот на кој реагираме. Тоа не е лесно во практиката, особено кога треба да се надвладеат бурните емоции.
Како да се погледне на детската емоција од нивна перспектива? Како да се воспостави граница, да се одолее на потребата истиот момент да се одржи лекција и со смиреност и разбирање да му помогнете на детето да дојде до сржта на сопствените бурни чувства?
Бесот пред лицето на љубовта е збунувачка ситуација. Многу родители налутеното дете ќе го испратат во својата соба да се смири, мислејќи дека во тој момент нема друго решение, дека не е време за извинување, туку за смирување. Ако вака се постапи детето може да научи нешто погрешно:
1 Дека никој не обрнува внимание на она за што е вознемирено
2. Дека никој нема да му помогне да го реши проблемот што го доживува
3. Дека лутината е лоша
4 Дека е детето е лошо зашто им се лути на родителите
5 Дека неговата лутина ги плаши другите и дека е само кога ќе се случи таа страшна емоција, затоа што другите не можат да му помогнат
6 Дека кога е луто најдобро е да ја потисне емоцијата
Што може друго да се направи за да се избегне оваа ситуација и да му се помогне на детето да постапува одговорно кон своите емоции на лутина, бес или гнев?
Одговорноста почнува со прифаќање на емоцијата, но, при тоа да постапува повоздржано, затоа што секогаш постои поадекватен начин да ги искажеме своите потреби. Кога ќе подзастанеме и ќе ја погледнеме причината, што има под маската на лутината, ќе видиме дека таму се кријат чувства на повреденост, страв и тага. Ако си дозволиме да го почувствуваме сето тоа, лутината брзо ќе се истопи, Ова мора да се доживее во детството за да може полесно да се справиме со овие емоции во животот и соодветно да реагираме, за да ги постигнеме своите цели. Ова е емоционална интелигенција што децата ја развиваат, само ако ги научиме дека сите емоции треба да се прифатат и дека постои избор на начинот на реакција.
Затоа пожелно е родителот да знае дека не е во безизлезна ситуација кога дететео е луто, да земе воздух неколку пати за да се смири, да го сослуша детето, да му покаже дека ги разбира неговите потреби. Така детето почнува да се чувствува посигурно и посмирено, дури и кога работите не се одвиваат по негово. Одајте му признание за тоа што ги искажало емоциите на гнев, зашто кога тоа ќе почувствува дека сочувствувате со него, полесно ќе гопронајде патот до скриената тага и стравот.
Нема потреба ниту да се согласите, ниту да противречите на ставовите на детето, едноставно само признајте го постоењето на неговата вистина. Кога детето ќе се почувствува забележано, сослушано, разбрано, ќе може да ја забележи и другата страна на вистината.
Не треба да се падне во замката на грубости, иако родителите често се чувствуваат повредени кога детето им вика. Запамтете дека детето не ве мрази, туку се чувствува беспомошно и уплашено, па прави нешто што ќе ве вознемири. Прашајте го зошто е вознемирено. речете му дека сте подготвени да го сослушате. Знајте дека детето не се однесува лошо, тука прави нешто онака како што најдобро знае и умее. Кога ќе сфати дека не мора да го повишува тонот за да биде сослушано, ќе развие поприкладно однесување. Треба да се воспостават и соодветни граници, но, при тоа да се има сочувствителност. Кога детето доживува бура од емоции, не е време да се објаснува туку да му се покаже емпатија, да му покажете дека ви е жал што му е тешко. Потсетете се дека испадите се природен начин незрелиот мозок „да се издува“. Децата немаа моќ на смоконтрола како возрасните, па дури и голем дел од возрасните немаат самоконтрола. Секогаш е здраво да се искажат емоциите и да се покаже емпатија, подобро отколку да се потиснува и произведат погрешни модели на однесување. Важно е дека детето ќе почувствува дека е сакано и кога е налутено. Секогаш бидете блиску за да знае дека има некој што го сака и дека ќе го гушне и кога ќе потечат солзи, а не да остане само кога ќе надојдат страшните чувства.
Убаво би било кога ќе помине детската бура преку приказна да му се образложат доживеаните емоции, детето само ќе сфати каде погрешило, дека не треба да чувствува вина за тоа, а и ќе научи дека љубезноста и добрината се важни во меѓусебните односи.
Детето постепено ќе научи дека чувствата не се опасни и подоцна полесно ќе се справува и со своите чувства и со разочарувањата во животот.
Сето ова не е лесно, но со трпение ќе се изгради една здрава врска меѓу детето и родителот.
Соња Стојановска
