Бугарија дава принципиелна поддршка со услови
Да се подготвиме за разговори на разум, а не на емоции- порака од бугарскиот премиер Борисов до македонскиот шеф на дипломатија, на кратката средба на софискиот аеродром. „Добрососедските односи се државен приоритет“, возвратил Османи, кој е во работна посета во Швајцарија и во Шпанија...

Бугарскиот премиер Борисов со принципиелна поддршка за евроинтеграцијата на земјава, но и со барање за исполнување на соодветни услови и целосно спроведување на Договорот за добрососедство. На кратката средба со шефот на дипломатијата Османи на софискиот аеродром, Борисов истакнал дека не смее да биде забавено интегрирањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и токму поради тоа е потребно надминување на несогласувањата меѓу Скопје и Софија.
„Значи, и вие и ние треба да се подготвиме за преговори за разум, а не за емоции, за да можат нашите соседи да бидат во Европската унија. Геостратешката цел на Бугарија е ова, прашањето е да се најде политичка волја, а двете земји треба да чекорат по патот на дипломатијата и разбирањето. Хероите кои го дале животот за слобода, не смее да бидат темата која ќе не разделува, бидејќи нивниот најдлабок сон бил да бидеме заедно и затоа ги дале своите животи. Тие треба да бидат мост на пријателство, а не на разединување“, нагласи премиерот Борисов.
Министерот за надворешни Османи се заложил меѓувладината комисија што е можно побрзо да се состане за да направи пресек на исполнетото од Договорот за добрососедство. Истакнал дека фокусот треба да биде на секторската соработка и враќањето на довербата меѓу двете држави.
„Го договоривме акцискиот план, потребен е само извештај од Комисијата за историски прашања. Треба што побрзо да се состане меѓувладината комисија, да се направи пресек да кажат толку и толку е направено минатата година, толку ќе направиме следната година. За тоа се чека и извештај од Заедничката македонско- бугарска комисија и тој се подготвува. Очекувам од ваша страна, но и од наша страна што поскоро да се усогласи терминот и содржината на средбата на меѓувладината комисија. Ако се врати довербата мислам дека полесно ќе можеме да разговараме за сите други прашања за кои имаме разлики“, истакна министерот Османи.
Османи и Борисов се согласиле дека патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително ќе ги зацврсти билатералните односи.
Ирина Гелевска
