Скопје

До 31-ви март клуч на врата на ОУ „Владо Тасевски“ поради Ковид-19

16.03.2021 15:17

До 31-ви март клуч на врата на скопското основно училиште „Владо Тасевски“. Директорката и десетмина наставници пријавиле дека се заразиле со Ковид-19. Учениците од прво до трето одделение, наместо со физичко присуство, наставата ќе ја следат онлајн...

Скопското основно училиште „Владо Тасевски“ денеска остана без детски џагор. Поради зголемениот број на ковид позитивни случаи во училиштето, донесена е одлука до крајот на март сите ученици наставата да ја следат преку интернет.

Одлуката за ставање клуч на врата била донесена викендов, откако минатата недела ученици од прво до трето одделение кои ја следеле наставата со физичко присуство, почнале да изостануваат. Досега ковид инфекција е потврдена кај 10-мина вработени, а во тек е тестирање и на ученици кои пројавиле симптоми.

Директорката Викторија Кочевска, која и самата е ковид позитивна, потврдува дека училиштето е затворено, а персоналот во изолација.

„Откако изминатите денови ученици се пожалија на главоболка, кивање и кашлање, а дел од нив почнаа да изостануваат, донесовме одлука во период од 12 дена сите ученици да ја следат наставата онлајн. Наставниците се целосно подготвени за предавањата. Оние коишто се заболени, материјалите ќе ги испраќаат преку Интернет“ – вели директорката Кочевска.

Од општина Карпош велат ја следат состојбата, контактираат со ресорните институции со цел комбинираната настава да се одвива со што е можно помалку потешкотии.

 

Анита Димитријевска Велковска