Помалубројните заедници слободно да се изјаснат на пописот

17.03.2021 12:46

Слободно да се изјаснат за својата етничка припадност и помалубројните заедници во земјава- апелираат од Агенцијата за остварување на нивните права. Пописот е од исклучително значаен за креирањето на политиките и образовните програми во иднина...

Помалубројните заедници во земјава слободно да се изјаснат на пописот, повикуваат од Агенцијата за остварување на нивните права. Оттаму ги охрабруваат да учествуваат во статистичката операција за да можат да ги остварат своите права, врз основа на реално добиени податоци.

„Како ќе креираме образовна политика за образование на босански јазик, за влашки јазик, за српски, за турски за ромски јазик ако немаме каде можеме да рачунаме на учениците? Има парадокси во нашата држава каде што во одредени села веќе нема ученици, има нови училишта, а негде каде што имаме многу ученици, нема училишта“, вели Џелал Хоџиќ заменик директор на Агенцијата за оставрување на правата на заедниците.

Од Агенцијата велат дека анализите покажуваат дека оние права што им следуваат на заедниците, според Устав и закон во пракса се делумно остварени.

„Во одредена ситуација има потреба институциите правото кое го дава Уставот и законот да ја подобрат својата работа во тој сегмент, но од друга страна повторно се враќаме и на подигнување на свеста кај припадниците на помалубројните заедници дека имаат право на остварување и ползување на одредени права“, додава Хоџиќ.

Пописот во земјава ќе се спроведе од први до 21-ви април. Евентуалното одложување на пописот ќе зависи од епидемиолошката ситуација со коронавирусот. Од Комисијата за заразни болести велат дека има протокол, а одлуката дали пописот ќе се одржи во предвидениот период е политичка, рече првиот човек на комисијата Караџовски.

 

Ана Јосифоска Тодоровска