18 лица го прекршиле полицискиот час во североисточниот регион
Изминативе седум дена, колку што е на сила забраната за движење по 22 часот, полициските службеници во североисточниот регион регистирале 18 прекршувања. Ограничувањето на движењето на граѓаните, беше воведено поради состојбата со коронавирусот.

Точно една седмица како кумановци, но и граѓаните од останатите градови од земјава, функционираат со полициски час, кој започнува во 22, а трае до 05 часот изутрина. Полицискиот час е воведен со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Градскиот плоштад во Куманово, но и улиците се празни и тивки и барем засега не можат да се забележат лица кои го прекршуваат ограничувањето.
Полициските службеници на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Куманово изминативе седум дена, колку што е на сила забраната, регистрирале 18 прекршувања. Од почетокот на пандемијата пак се евидентирани 256 лица. Повеќето од нив, 178 се од Куманово, но има и од Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово. Против нив се поднесени пријави за непочитување на здравствените протоколи во време на пандемија.
„На подрачјето на СВР Куманово распоредени се неколку пунктови на влез и излез од градот и како што имавте можност да видите се контролира секое возило, се вршат проверки дали истите поседуваат дозвола за движење. Би сакала да ги информирам граѓаните доколку имаат нужна потреба да се јават на 192 за да добијат дозвола за движење, за да не се доведат во состојба да се соочат со кривична пријава“, посочи Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Од кумановската полиција апелираат да се почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата и сите заеднички да придонесеме за спречување на ширењето на Ковид 19. Но и покрај апелите, во Куманово продолжува забрзаното ширење на вирусот. Во последниот извештај на Министерството за здравство се евидентирани над 400 активни случаи на Ковид-19.
Елена Георгиевска
