Државната поддршка за време на ковид кризата достигнала скромни 3,5% од БДП

17.03.2021 15:54

За време на ковид кризата државната поддршка на македонската економија достигнала скромни 3,5% од БДП и е меѓу најниските во Европа, покажала Студијата за ефектите од пандемијата врз економијата подготвена од Здружението за истражување и анализи. Експертите прогнозираат дека македонската економија ќе се врати на преткризното ниво на раст во 2022-ра. Опозицијата вели дека владата доцни и бара поголеми издвојувања на државата за поддршка на компаниите во надминување на последиците од ковид кризата...

Кризата со Ковид- 19 предизвика пад на БДП, на вработеноста и го зголеми јазот меѓу сиромашните и богатите. Студијата за ефектите од пандемијата врз економијата подготвена од Здружението за истражување и анализи покажала дека државната поддршка на стопанството достигнала скромни 3,5% од БДП и е меѓу најниските во Европа. Според експертите, државната поддршка дава ефекти, но економското закрепнување оди побавно од посакуваното.

„Кризата не ги одбегна и работните места, забележан е пад на вработеноста од 2,7% и можеме да констатираме дека овој пад е помал од падот на БДП што значи дека дел од мерките што беа насочени кон зачувување на работните места дадоа ефект, односно го намалија ефектот на кризата. Нашите предвидувања се дека економијата ќе се движи во позитивна насока во 2021-та, но растот на БДП пред кризата ќе биде постигнат во 2022-ра година“, Виктор Митевски, автор на студијата.

Владата признава дека дел од предложените закони со мерките од најновиот пакет на поддршка се заглавени во Собранието и сѐ уште не се влезени во процедура. Министерот за економија Бектеши вели дека студијата и укажувањата на невладиниот сектор се корисни при креирање на неопходните мерки за поддршка на економијата.

„Произлегуваат стварно одлични препораки за нас како Влада за креирање на политики се со цел да го намалиме негативниот ефект од аспект на економијата“, изјави Крешник Бектеши- министер за економија.

Опозицијата ја обвинува Владата дека доцни со потребните мерки на поддршка и бара зголемување на буџетската поддршка на компаниите.

„Треба многу повеќе јавни средства да бидат влеани во приватниот сектор, иако јас лично идеолошки не се согласувам со тој концепт, но ова е време кога државата треба многу повеќе да издвојува за помош на компаниите“, рече Тимчо Муцунски-претседател на Комисијата за финансирање и буџет.

Студијата препорачува носење краткорочни мерки за стимулирање на домашната побарувачка. Преземање среднорочни мерки за поддршка на инвестициите и поттикнување на економскиот раст, но и услов за ненамалување на платите за користење на идните мерки. Се бара на среден рок да се дизајнираат мерки за надминување на растот на нееднаквоста меѓу сиромашните и побогатите граѓани.

 

Свето Николовски