Европската комисија предложи воведување на сертификати за вакцинирање

17.03.2021 16:15

Европската комисија предложи воведување на сертификати за вакцинирање. Тоа, на 450 милиони жители на Унијата ќе им овозможи слободно да патуваат низ 27-те земји-членки. Се очекува да важи од септември, откако до крајот на летово ќе се вакцинира целото возрасно население во блокот. Проектот е вреден 50 милиони евра. За планот ќе се дискутира на самит на лидерите веќе иднава недела. Во Унијата сѐ погласни се барањата за корективен механизам за распределбата на вакцините.

Карантинските рестрикции во ЕУ ќе се заменат со вакцинална потврда за слободно патување во рамките на блокот. Со дигиталниот документ ќе се спасува туризмот кој со 10 насто учествува во европскиот БДП. За да се намали ударот врз туристите од останатите делови од светот, предвидено е земјите-членки да можат да склучуваат и поединечни билатерални договори со држави надвор од Унијата, но со согласност од Еврокомисијата.

„Документот потврдува дека поединецот бил вакциниран, неодамна добил негативен ПЦР тест или стекнал имунитет, односно антитела. Потврдата гарантира дека резултатите, податоците се признаени во секоја земја-членка. Со оваа дигитална потврда се стремиме да им помогнеме на земјите-членки да ја вратат слободата на движење на безбеден, одговорен и веродостоен начин“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на ЕК.

Усвоен е и документ за постепено и трајно отворање на Европа, но вакцинацијата останува главен предуслов. До крајот на летото се планира имунизација на целото возрасно насление во ЕУ. Но поради неправедната распределба на дозите, шест земји бараат корективен механизам. Скандалите со компанијата „АстраЗенека“ дополнително ја попречија имунизацијата.

„За нас ова е проблем бидејќи води кон тензии во блокот кои нема да бидат разбрани од Европејците бидејќи луѓето во Европа очекуваат еднаков пристап до вакцините“, вели Себастијан Курц, канцелар на Австрија.

Корекции ќе се прават и во извештајот на СЗО за потеклото на вирусот. Заклучоците од истрагата во Вухан веројатно ќе бидат претставени идната недела. Во овој кинески град беше регистриран првиот случај на заразен во 2019 година.

„Во земјите кадешто има широка распространетост на варијантите на вирусот, препорачуваме да ја користат вакцината на „Џонсон и Џонсон“. Станува збор за САД, Европа, Африка, Бразил, но и други“, изајви Алехандро Кравиото, шеф на експертите на СЗО.

Во светот од ковид-19 починале над 2,67 милиони луѓе.

 

Маја С. Филдишев