Нов бран на Ковид-19: За заострување на мерките ќе се разговара идната недела

18.03.2021 10:38

Комисијата за заразни болести не препорача нови мерки и рестрикции, иако министерот за здравство Филипче вели, во екот сме на третиот бран од пандемијата, со над 5 илјади заразени за еден месец. Полицискиот час останува. За евентуално заострување на мерките ќе се разговара идната недела...

Комисијата за заразни болести не препорача нови мерки и рестрикции, иако министерот за здравство Филипче вели, во екот сме на третиот бран од пандемијата, со над 5 илјади заразени за еден месец. Полицискиот час останува. За евентуално заострување на мерките ќе се разговара идната недела. Засега е оценето дека здравствениот систем може да го издржи притисокот. Вакцините, за кои Филипче уверува дека ќе бидат безбедни, се очекуваат на крајот на март и кон средината на  април.

Според последната статистика на Министерството за здравство се регистрирани нови 1.293 заразени со коронавирус. Биле направени околу 4.100 тестови, а процентот на позитивни од тестирани изнесува 31,5 насто, или, речиси секој трет тестиран е позитивен на вирусот. Починале 24 пациенти, на возраст од 49 до 90 години, од кои 14 од Скопје. Како оздравени се водат уште 339-мина.

Во моментов, бројот на активни случаи e околу 12.800. Во болниците се хоспитализирани 1.135 пациенти. Само во Скопје за еден ден имало 50-тина приеми. Во ковид-центрите се преостанати околу 280 празни кревети.