Клуге: Продолжете со вакцинација со „АстраЗенека“

18.03.2021 15:26

Земјите низ Европа да продолжат со тековната имунизација со вакцината на „АстраЗенека“, апелираат од СЗО. Велат, состојбата на Балканот и во Централна Европа, е особено загрижувачка. Голем број на заразени се регистрирани на дневно ниво, и покрај стапката на вакцинација...

И покрај сите дилеми за безбедноста на вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19, регионалниот директор на СЗО апелира земјите ширум Европа да продолжат со тековната имунизација со вакцината од овој производител. Тој ја истакна важноста на довербата во кампањата за вакцинација, комуникацијата и транспарентноста од страна на властите.

Придобивките од вакцината на АстраЗенека го надминуваат нејзиниот ризик, нејзината употреба треба да продолжи за да се спасат животи. Вакцините дејствуваат и на крајот ќе овозможат враќање во новата нормалност. За да се случи тоа, треба да се имаме доверба во науката што овозможува битка со сите болести“, изјави Ханс Клуге- регионален директор на СЗО за Европа.

Голем број европски држави, вклучително и Франција, Германија, Италија, Шпанија и Австрија неодамна ја прекинаа имунизацијата со вакцина на „АстраЗенека“ поради загриженоста за згрутчување на крвта и смртни случаи.

Во меѓувреме, менаџерката на програмата за итни здравствени случаи на СЗО за Европа, вели дека состојбата на Балканот, како и во другите земји во Централна Европа, е „особено загрижувачка“. Голем број на заразени се регистрира на дневно ниво и покрај стапката на вакцинација.

Ние сме особено загрижени за епидемиолошката состојба на Балканот, како и на многу други земји низ Централна Европа. Ова не е болест што ги погодува само оние кои имаат над 65 години. Она што е потребно, особено во земјите каде што видовме циркулација на нови варијанти на вирусот вклучително и на Балканот е да да останеме силни, да ги користиме јавните здравствени и социјални мерки за кои знаеме дека функционираат“, изјави Кетрин Смолвуд- програма за итни здравствени случаи на СЗО за Европа.

Бројот на случаи на инфекција со Ковид-19 расте три недели по ред. Минатата недела во европскиот регион на СЗО се пријавени над 1,2 милиони нови случаи. Иако многу земји низ Европа во моментов се наоѓаат под „делумно или целосно затворање “,некои почнуваат да ги укинуваат ограничувањата врз основа на претпоставката дека зголемената вакцинација „веднаш ќе доведе до подобрена епидемиолошка состојба“.

 

Маријана Димовска