Благодарноста го менува животот- докажаа невролошките истражувања

19.03.2021 11:39

Благодарноста не е само убаво изречен збор, или возвраќање со љубезност. Тоа е став на искрена благодарност за сѐ и кон сите, без разлика дали некој тоа го заслужува. Без разлика дали е добро или лошо, сѐ треба да се прифати како благослов и лекција од која нешто сме научиле, нешто што не направило поцврсти, поблагородни, похумани, поквалитетни луѓе. Вистинскиот клуч е во перцепцијата, како ги прифаќаме работите и како реагираме на нив.

Научниците докажаа дека благодарноста го трансформира мозокот, а психолозите секојдневно го потврдуваат тоа.

Според заклучоците на центарот за умни способности UCLA -Универзитетот во Лос Анџелес, редовното искажување благодарност ја менува молекуларната структура на мозокот, која се одразува на сивата маса и луѓето ги прави посреќни и поздрави. Чувството на среќа влијае на централниот нервен систем, носи мир и спокој. Благодарноста е многу ефикасна вежба за поттикнување на чувството на среќа и задоволство.

За целите на една научна студија која ја спровеле Роберт А. Емонс од Универзитетот воКалифорнија и Мајк Мек Кулог од Универзитетот во Мајами, по случаен избор на учесниците им дале три задачи. Учесниците воделе дневник, првата група забележувала работи на кои им се благодарни, втората група ги запишувала работите што ги оптоваруваат, а третата група водела дневник за неутрални случувања. По 10 седмици, учесниците од првата група што забележувале благодарности, се чувствувале подобро за 25% повеќе од другите, а и вежбале по час и половина повеќе од другите.

Во наредната студија направена на сличен начин, Емонс утврдил дека оние што се благодарни, биле поподготвени да им дадат посилна емотивна поддршка на луѓето околу себе, отколку другите.

Во друго научно истражување за благодарноста, биле следени возрасни лица со синдром на невролошко-мускулни пореметувања, кои во поголем број страдале од пост-полио синдром. Оние што секојдневно се заблагодарувале биле значително поодморени наутро и чувствувале поголема блискост со другите.

Во четвртото научно истражување учесниците не воделе дневник со изразување благодарност, туку кинеските научници го следеле нивното однесување, односно колку благодарност искажувале секојдневно. Откриле поврзаност меѓу изразувањето благодарност и добриот сон, а исто така помала била зачестеноста на анксиозност и депресија.

Овие сознанија се доволна препорака дека благодарноста за сѐ што имаме и што сме, за сѐ што сме постигнале во животот, може да ни донесе подобрување на сите животни полиња. Едноставниот збор- благодарам, можеби искрено искажан и во некоја молитва, може да го промени животот. Секојдневно човек може да се заблагодарува за животот, за воздухот, за водата, за храната, за се материјално и духовно, за пријателите, за работата, за креативноста, за дарбите што ги има. Списокот е долг, ако се фокусираме на сите наши успеси, сите победи, колку и да изгледаат безначајно, од најранотот детство, па до сега, и за сѐ што ни се случува на дневно ниво. Тоа може да го правите додека работите, додека чекате ред за нешто.

Еве неколку практични совети како да стекнете навика да се заблагодарувате.

Како и во истражувањата може да водите дневник и секој ден да запишувате барем три работи за кои сте благодарни тој ден. Можеби навечер или наутро, како ви е позгодно. Потрудете се да стекнете навика секојдневно да го пофалите својот партнер, пријател или вашето дете за нешто што цените кај нив. Додека се гледате во огледало присетете се на нешто добро што сте направиле тој ден или пофалете си се за некоја ваша добра особина.

Благодарноста не е само убаво изречен збор, или возвраќање со љубезност. Тоа е став на искрена благодарност за сѐ и кон сите, без разлика дали некој тоа го заслужува. Без разлика дали е добро или лошо, се треба да се прифати како благослов и лекција од која нешто сме научиле, нешто што не направило поцврсти, поблагородни, похумани, поквалитетни луѓе. Вистинскиот клуч е во перцепцијата, како ги прифаќаме работите и како реагираме на нив. 

„ Благодарноста е импулс, кој може да ги придвижи нашите ментални механизми, од опсесија до спокој, од безнадежност до креативност, од страв кон љубов“ -напишала д-р Џоан З. Борисенко.

Клучниот аспект за благодарност е љубовта. Благодарноста прави да даваме без да очекуваме ништо за возврат.

Во некои проблематчини ситуации, благодарноста ни помага полесно да согледаме што ни се случува. Благодарноста ќе придонесе длабоко ќе се загледаме во својот живот и во него да видиме многу убави и добри нешта, а не само да се фокусираме на лошо, кое што претставува само едно делче од нашата стварност.

Соња Стојановска