САД: Кина и Русија доминантни дипломатски фронтови
Стари предизвици за новата администрација на САД. Русија и Кина повторно доминантни во надворешнополитичката политичка агенда на Вашингтон. Најновата вербална војна меѓу Белата куќа и Кремљ го заживеа фронтот на непријателите од последната Студена војна...

Стари предизвици за новата администрација на САД. Русија и Кина повторно доминантни во надворешнополитичката политичка агенда на Вашингтон. Најновата вербална војна меѓу Белата куќа и Кремљ го заживеа фронтот на непријателите од последната Студена војна. Џо Бајден го нарече Владимир Путин „убиец“ и се закани дека ќе одговара за соработката со Доналд Трамп и мешањето во последните избори. Рускиот претседател, пак, му посака добро здравје и го предизвика да учестува во онлајн дебата на која ќе ја тестирал меморијата. И покрај навредите, Вашингтон и Москва тврдат дека се обидуваат на дипломатски начин да ги надминат несогласувањата.
„Нашиот амбасадор останува во Москва. Остануваме ангажирани, како и нашиот тим на терен со рускиот народ. И натаму ќе веруваме дека дипломатијата е првиот чекор“, изјави Џен Саки, портпарол на Белата куќа.
„Можеме и треба да ги одржиме односите. Мислев дека последната иницијатива за телефонски разговор дошла од претседателот Бајден. Сакам да го поканам да ги продолжиме дискусиите, но тоа да го сториме во живо, онлајн“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Заострена реторика и со Кина која станува доминантна сила во Азија. На првиот самит со делегацијата од Пекинг кој се одржа во Алјаска, претставниците од Вашингтон изразија загриженост за серија прашања, вклучувајќи ги и Хонгконг и Ујгурите, додека кинеските функционери ги обвинија американските колеги за злоупотреба на воената и финансиската моќ за да ги угнетуваат другите земји.
„Загрижени сме за активностите на Кина во Хонгконг, Тајван и кибернетичките напади во САД, како и економската уцена кон нашите сојузници. Секоја од овие активности е закана за глобалниот поредок. Поради тоа, ова не се само внатрешни прашања“, рече државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
„Ако САД сакаат соодветно да се справат со кинеската страна, тогаш ајде да ги следиме потребните протоколи и да постапуваме правилно. Соработката е корисна за двете страни. Тоа го очекуваат и народите“, изјави Јанг Џичи, шеф на дипломатијата на Кина.
Именувањето на Вилијам Брнс за нов директор на ЦИА не ветува драстична промена во тонот кон Пекинг и Москва. Според него, Кина врши кражба на интелектуалната сопственост, репресија врз граѓаните и го шири своето влијание во САД. За Русија, земјата каде што мина дел од својата дипломатска кариера, вели дека е држава чијашто моќ опаѓа, но признава дека никогаш не треба да се потценува влијанието на Путин.
Маја С. Филдишев
