Ковид-19

Речиси исполнети болничките капацитети во Куманово

19.03.2021 14:16

Третиот бран ги исполни речиси сите капацитети за лекување во Општата болница во Куманово. Во модуларната болница, отворена пред само десетина дена, има уште шест слободни места. Пополнети се и капацитетите во останатите два оддели.

Третиот бран не го одмина ниту Куманово. Расте бројката на позитивни и суспектни на коронавирусот. Во кумановската болница повторно се исполнети капацитетите. Минатата недела беше пуштена во употреба и модуларната ковид болница, со капацитет од 33 легла. Таму веќе се лекуваат 27 пациенти, додека 33 се во двата ковид оддели. Уште 42 лица се регистирани во дневната амбуланта. Директорката на кумановската болница Захариева, укажува дека во овој бран вирусот многу полесно се шири, па се почесто регистираат заболени цели семејства.

„Контегиозноста веројатно е поголема, немаме официјален извештај но веројатно британскиот сој не го одмина ниту Куманово. Така што вирусот се шири имаме многу пацинети кои доаѓаат на рентген, идат на контроли на инфективниот оддел и бројот за жал е во пораст“, вели директорката на кумановската болница.

Захариева како менаџер на кумановската болница, но и како лекар кој  е вклучен во дежурства, се согласува со барањата на Лекарската комора за воведување дополнителни рестриктивни мерки, поради брзото ширење на ковид 19.

„Гледајќи колку луѓе доаѓаат а колку има и асимптоматски кои се потенцијална опасност не само за нас здравствените работници туку и нивните семејства, сметам дека колку и да звучи непопуларно и да ги иритира сите приватни стопанственици, мислам дека е добро да има некои ограничувања макар краткотрајни, со кои ќе се спречи трансмисијата на вирусот“, додава таа.

Во Куманово согласно последната стастистика бројката на заболени се искачи над 6.100, а во моментов се активни 480 случаи.

Елена Геориевска