Ковид-19

Зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителите ако не се намалат бројките

19.03.2021 14:55

Бројката на позитивни денеска е под илјада, изјави министерот за здравство. Иако неделава забрзано се полнеа болничките капацитети со новозаболени, сепак во болниците има доволно слободни кревети. Министерот Филипче не ја исклучува можноста за зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на времето на работа на угостителските објекти, за што ќе се прави анализа идната недела...

Зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти е наредиот чекор на заострувањето на рестриктивните мерки доколку не опадне бранот на новозаболени со Ковид-19 во земјава, најавува министерот за здравство Филипче.

Викендов ќе се следи епидемиолошката состојба, а во почетокот на следната недела Комисијата за заразни болести ќе ги анализира податоците. Филипче е уверен дека полицискиот час, воведен пред десетина дена дава резултати, посочувајќи дека во последното деноќие бројот на новозаболени е под илјада.

Во изминатава недела болничките капацитети забрзано се полнеа, пред сѐ на интерните клиники. Од почетокот на коронакризата за првпат во функција се ставени одделенија на хируршките клиники и дел од Клиниката за кардиологија.

Околу 1.200 пациенти во земјава се на болничко лекување поради коронавирусот. Исполнети се речиси сите ковид- центри во главниот град. За сериозноста на состојбата предупреди и Лекарската комора. Оттаму побараа заострување на рестриктивните мерки.

Само во главниот град, 520 пациенти се лекуваат на Инфективните оддленија. Надлежните уверуваат - болничките капацитети функционираат.

 

Андријана Атанасовска