Не е констатирано непочитување на мерките во јавниот превоз во Штип

19.03.2021 15:47

Станува ли јавниот превоз на работниците во Штип потенцијално жариште за ширење на корона вирусот. Работниците се загрижени за своето здравје, но надлежните се децидни дека превозниците возат согласно здравствените протоколи. Автобусите изгледаат дека се полни заради тоа што е дозволено на локалните линии да има патници кои стојат, велат инспекторите...

„Да не се повтори минатогодишниот пропуст кога работничкиот автобуски превоз беше посочен како сериозен фактор во ширење на Ковид -19 кај текстилните работници“ – апелира градоначалникот на Штип. Најави секојдневни контроли од страна на општинските сообраќајни инспектори, од каде тврдат дека долг период немаат регистрирано непочитување на мерките.

Вработени од повеќе компании не користат заеднички превоз. Ова не е задолжителна мерка, но ја почитуваме, велат превозниците, заради што ја прекинавме соработката со помалите компании. Шансата ја искористија дивите превозници, кои најмалку се придржуваат до препораките, велат одговорните лица во транспортните компании.

Невладината „Гласен текстилец“ од почетокот на пандемијата реагира на условите за превоз на работниците.

СВР Штип скоро секојдневно има сообраќајни контроли, во кои меѓу другото контролира колку се почитува обврската за носење маски во возилата. Велат дека во последниот месец не регистрирале непочитување на оваа мерка.

 

Славица Величковска