Психологија

Избегнувајте да осудувате други луѓе пред да се преиспитате себе си

22.03.2021 11:22

Понекогаш ни се случува да не одобруваме нечии постапки, а тоа нѐ наведува веднаш, без многу размислување да почнеме да го осудуваме. Стоиците, без разлика колку високо ги оценуваат човечките вредности, секогаш избегнуваат да ја покажват моралната супериорност пред луѓето, со чии животни начела и дела не се согласуваат.

На никого не му е пријатно кога го осудуваме, без разлика дали сторил грешка, дали грешката е ненамерна или пак последица на недоразбирање. Затоа не треба да се биде брзоплет и да се донесувате негативни судови, за чин што вам не ви се допаѓа.

Наместо тоа, треба да се размисли како би постапиле вие на негово место. Размислете каков е животот на таа личност, во какви услови растела, какво образование има, какви морални принципи и модели има. Размислете дали таа личност има друг и подобар начин. Сетете се на своите постапки, дали сте биле нестрпливи во некоја ситуација, груби кон некого, случајно или намерно. Подобро е да се запрашате зошто вашиот близок го прави тоа. Прво преиспитајте се себе си.

Целта на внатрешното приспитување не е да се пронајде оправдување за нечија лоша постапка, туку обид да се сфати зошто дошло до тоа. Ако знаеме зошто некој нешто прави, ќе биде полесно да решиме како да се однесуваме кон него.

Во таквите ситуации, имаме можност да избереме на каков начин може да и укажеме на грешката, а доколку тоа нема ефект, барем да и простиме и во иднина да го избегнуваме блискиот контакт со таа личност. Не е добро да се започне кавга, затоа што кавгата е само трошење време и енергија. Проблемите не се решаваат со конфликти, туку со договарање.

Доколку не постои начин таквата личност да ја отстраните од вашиот живот, тогаш најдобро е да ја прифатите таква каква што е и да сфатите дека нејзиното лошо однесување нема никаква врска со вас. Таа личност така се однесува речиси со сите во нејзиното опкружување.

Различноста е добредојдена. Луѓето чии дела и начин на живот не се во согласност со вашите морални начела, постојат за да ве потсетат какви не треба да бидете, и какви одлуки треба да носите за да ја избегнете нивната судбина.

Добро е да се сфати дека сите сме различни, и дека има малку луѓе чиј карактер и морална структура се компатибилни со нашата. Ова е добра причина да ги цените и да ги сакате вашите пријатели, а на сите други да им им го признаете основното право да си го живеат животот на свој начин.

Зошто осудуваат луѓето?

Што ако вие се најдете од другата страна и другите вас ве осудуваат? Важно е да знаете дека туѓото обвинување нема никаква врска со вас, туку напротив, она што другите го зборуваат за вас е директно поврзано со нивниот начин на размислување, со личниот системот на вредности, или пак со болките со кои тие се справуваат. Тие што ве осудуваат, не се во состојба да ја видат пошироката слика и да размислат за вас како личност. Луѓето ве гледаат преку нивните програми, фрустрации и нема да можат да го поднесат вашиот успех, затоа што ќе ги потсетува на нивниот неуспех. Токму затоа осудуваат, за да се оправдаат себе си. Ќе мислат и ќе зборуваат лошо за вас.

Добро е ова да се знае за да станете свесни за себе и за своите несовршености и така подобро ќе ги сфатите другите луѓе. Така полесно ќе го поднесете туѓото осудување врз себе, а и вие помалку ќе им судите на луѓето за нивните постапки.

Стравот од осудување и обвинување на некој начин е поврзано со стравот од туѓото мислење и за желбата да им се допаднете на другите луѓе. Пред да се почувствувате лошо поради туѓото мислење, што рекол некој за вас, запрашајте се кому сакате да му се допаднете. Дали таа личност вреди толку за вие сами да се деградирате и да имате негативна слика за себе? Добро е да знаете дека никој не е толку вреден колку вие за себе. Затоа престанете да се однесувате како помалку вредна личност поради туѓа перцепција, која можеби воопшто не е точна. Вие сами одредувате кој сте и што сте.

Дури и да сте најубава, најталентирана и најдобра личност, секогаш ќе постои некој на кого нема да му се допаѓате. Не е можно сите да имаат добро мислење за вас и никој да не ве осудува. Што побрзо го сфатите тоа, подобро ќе се справите и поубаво ќе се чувствувате.

Соња Стојановска