Инвестиција

Бројот на вработени во „Ван Хол“ се искачи на 430!

19.03.2014 15:02

Белгиската компанија „Ван Хол“ во Бунарџик произведува со полна пареа. Освен на американскиот, наскоро ќе почнат да извезуваат и на европскиот пазар. Бројот на вработени во компанијата се искачи на 430. Македонија го врати имиџот на извозник на автобуси...

Автобусите се подготвуваат за испорака во САД, а од втората половина на годинава тука ќе се произведуваат и европски модели. Плановите на менаџментот се амбициозни,само во првата фаза, да остварат годишно производство од 400 до 500 автобуси.

„Многу сме задоволни од македонската работна сила, од квалитетот на работа, среќни сме што инвестиравме во Македонија и од соработката со македонската Влада“, изјави Филип Ван Хол, сопственик на компанијата.

Инвестицијата вредна 20 милиони евра донесе 430 директни вработувања и уште толку индиректни. Компанијата активно соработува со домашните добавувачи.

„Дел од компаниите кои доставуваат делови за Ван Хол во Бунарџик, ќе бидат користени како добавувачи и за нивната фабрика во Белгија, што значи дека ефектите за зголемување на производството како резултат на странските инвестиции веќе се чувствуваат“, вели Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

„Со оваа фабрика повторно заживеавме една индустрија, која пред повеќе од 10 години, како резултат на транзицијата, замре во Македонија“, рече изјави Веле Самак, министер за привлекување странски инвестиции.

Ван Хол засега е единствената фабрика во слободната зона Бунарџик 2, и единствена воопшто во зоните која произведува готов производ. Почна со работа лани и веќе планира зголемување на производството.

Во трка за оваа инвестиција беа Македонија, Србија и Турција, но поради добрите бизнис можности кои ги нудиме, конечниот избор на Белгијците беше нашата земја.

Компанијата е формирана во 1947 година. Брои повеќе од 4.000 вработени и прави годишен обрт од над 450 милиони евра.

 

Мартин Пушевски