Џафери: Не прифаќам работа на Собранието под ултиматуми

22.03.2021 13:07

Спикерот Џафери вели дека нема да прифати, никаква условувања и воспоставување практика, за менување на дневниот ред на пленарка, по желба на пратениците.

Редовната понеделничка координација кај собранискиот претседател Џафери заврши без договор. Власта и опозицијата и натаму во клинч, а законодавниот дом, нефункционален. Спикерот Џафери вели дека нема да прифати, никаква условувања и воспоставување практика, за менување на дневниот ред на пленарка, по желба на пратениците.

Џафери на прес-конференцијата што ја свика по прекинување на средбата со координаторите на пратеничките групи, рече дека двајца пратеници од мнозинството од здравствени причини се спречени да учествуваат на утрешната 36. седница, поради што го поставил прашањето за кворумот.

Според него, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побарал на седницата да се разгледуваат само продолжување на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за Ковид-19, а не и другите 26. Џафери не го прифатил тој предлог и ќе почека до четврток, кога очекува еден од пратениците да излезе од изолација поради Ковид-19.