Над 121 илјада македонски државјани кои живеат во странство се попишале
Над 121 илјада македонски државјани кои живеат во странство се попишале, соопшти Заводот за статистика. Околу 20 илјади, само викендов што измина. Од Владата велат дека посетите на првиот вицепремиер Груби и на министерот за надворешни работи Османи во странство биле во насока на поттикнувување на дијаспората да се попише...

121.580 македонски државјани од дијаспората се попишале на пописот 2021-та, соопштија од Државниот завод за статистика. Оттаму излегоа со податокот дека само во последниот викенд се попишале околу 20 илјади лица. Уверуваат дека пописот на населението во државата ќе се спроведува безбедно согласно сите пропишани протоколи од Комисијата за заразни болести.
Од Владата нагласија дека пописот е од витално значење за државата и дека нема потреба од одложување ако се почитуваат безбедносните протоколи. Посетите на првиот вицепремиер Груби и на министерот за надворешни работи Османи во странство биле за поттикнувување на дијаспората да се попише.
На конкурсот за попис се пријавиле над 2.600 кандидати за попишувачи, кои наскоро ќе бидат распроредени на територијата на државата. Пописот на резидентното население ќе почне на 1-ви април и ќе трае три недели.
Ирина Гелевска
