Еуримаж со финансиска поддршка за најновото дело на Манчевски- „Кајмак“

22.03.2021 16:27

Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж највисоко го евалуираше проектот „Кајмак“ на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и Бугарија.

Филмот„Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски, во кој Северна Македонија е носител на проектот, како и филмовите и копродукциите „Живи и здрави“ и „Долината на Шарко“, во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на првата сесија во 2021 година.

Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж највисоко го евалуираше проектот „Кајмак“ на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и Бугарија.

Во оваа категорија е поддржан и проектот „Живи и здрави“ во режија на Иван Мариновиќ, копродукција помеѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка, во кој Северна Македонија е малцински копродуцент.

Во категоријата документарен филм исклучително висока оценка доби проектот „Долината на Шарко“ во режија на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, во кој исто така Северна Македонија е малцински копродуцент.

На својата редовна 162 сесија која се одржа од 16-19 март, Еуримаж финансиски подржа 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти.