5.500 пензионери бесплатно на бања оваа година
Изминатите години, со овој проект беа опфатени над 22 илјади пензионери...

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денес ги посети пензионерите кои престојуваат во Катлановска бања, во рамки на проектот „Бањско-климатска рекреација“.
„Оваа година планираме да опфатиме бројка од околу 5.500 пензионери, кои ќе ја искористат оваа бесплатна услуга, која се состои од 6 полни пансиони, бесплатен превоз, здравствени прегледи и бањски третмани. Мене ми е особено важно што пензионерите кои до сега ја користеа оваа услуга и пензионерите со кои денеска остварив средба, се навистина задоволни од реализацијата на овој проект и од условите кои ги нудат бањите во Македонија за нив“, истакна Спасов.
Изминатите години, со овој проект беа опфатени над 22 илјади пензионери, а истиот во континуитет ќе продолжи и наредните години. Спасов најави дека вакви слични проекти со кои се подобрува социјалниот живот и здравјето на пензионерите ќе продолжат да се реализираат.
