НАТО

Прво полноправно учество на македонски претставник на Северноатлантскиот Совет

23.03.2021 13:20

Во седиштето на НАТО по една година пауза со физичко присуство, состанок на шефовите на дипломатиите на земјите- членки. Ја прославуваме годишнината од полноправното членство на една маса, рамо до рамо со нашите сојузници. Ги споделуваме заедничките вредности, фокусирани на безбедноста, и придонесуваме за надминување на предизивиците заедно, изјави министерот Османи. Во Брисел се дискутира за приоритетите во дејствувањето и за состојбите во Авганистан...

Како историски момент, шефот на дипломатијата Османи го оценува своето присуство на состанокот на Северноатлантскиот совет. Воедно и како прв политички претставник на Македонија кој физички учествува на највисокиот форум на Северноатлантската алијансата од македонското полноправно членство. Османи од седиштето во Брисел порача дека сме на ниво на задачата, придонесувајќи кон стабилноста на регионот и ширејќи ги НАТО вредностите.

„За неколку дена ќе ја прославиме нашата прва годишнина од членувањето во НАТО, што се случи во март минатата година. Членството во НАТО е реализација на нашата стратешка цел, но, исто така, со нашето членство, Алијансата ги подобри безбедноста и стабилноста во западнобалканскиот регион“, изјави министерот Османи.

Министрите за надворешни работи на НАТО земјите се во Брисел, по едногодишна пауза поради пандемијата. Приоритет се состојбата во Авганистан, влијанието на глобалните геостратегиски односи врз безбедноста на евроатлантската област, растечкото влијание на Русија и Кина, како и пошироката регионална стабилност. На прес- конференцијата со американскиот државен секретар Блинкен, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг ја поздрави новата американска администрација на претседателот Бајден, за зајакнувањето на НАТО.

„Европските сојузници и партнерите од целиот свет, две декади се заедно со Соединетите Американски Држави во Авганистан. Таму служеа околу 100.000 војници, а повеќе од 1.000 ја платија најскапата цена. Ова е навистина демонстрирање на единство“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Шефот на американската дипломатија порача и дека гасоводот Северен тек 2 што се гради од Русија до Европскиот континент и кој е речиси во завршна фаза, е лоша идеја.

„Претседателот Бајден беше многу јасен кога кажа дека гасоводот е лоша идеја, лоша за Европа, лоша за Соединетите Американски Држави. И најпосле, е во спротивност со целите за енергетска безбедност на Европската унија и има потенцијал да ги потцени интересите на Украина, Полска и други блиски партнери и сојузници“, нагласи амерканскиот држеван секретар Антони Бликен.

Блинкен најави дека ова ќе биде и тема на разговор на средбата со германскиот колега Мас, но и дека американското законодавство налага санкционирање на компаниите што ќе учествуваат во завршувањето на гасоводот.

 

Марија Котовска