Ковид- 19 опасен и за активните спортисти
Поради оштетувањата што ги предизвикува коронавирусот на белите дробови, лицата кои што се занимаваат со активен спорт, а особено нуркачите, треба да бидат многу внимателни. По прележувањето на Ковид-19 не смеат прерано да го започнат тренажниот процес, бидеќи тоа може да предизвика катастрофални последици по нивното здравје...

Коронавирусот ги разорува белите дробови и доколку некое лице што активно спортувало прележало Ковид-19 не треба веднаш да започне со тренинзите без разлика колку добро се чуствува, особено тоа се однесува на нуркачите за кои има строг протокол. Ова е ставот на д-р Горан Балевски уролог и специјалист за подводна хипербарична медицина кој вели дека тренажниот процес треба да започне под строг лекарски надзор. Во нашата земја досега 34 нуркачи прележале Ковид- 19.
„Така што моите први препораки беа месец дена тотална забрана, вториот месец да се започне со помали длабочини, значи да бидат 5, 6, 15 метри а оние екстремни длабини над 40 метри во првите 6 месеци да не се користат. Затоа што толкавото оштетување на плуќата од самиот вирус огромен ризик носи од две работи. Првата работа е да направи пнеумоторакс т. е. спонтано излевање на воздухот од плуќата и уште потешка работа е да направи декомпресиона болест“, изјави д-р Горан Балевски, специјалист за подводна хипербарична медицина.
И во двата случаи последиците можат да бидат фатални. Сепак според Балевски најголем проблем е хипоксијата, односно намалената количина на кислород во келиите и ткивата што предизвикува стрес и го менува психофизичкиот статус и физиолошките процеси кај секоја единка. Тој се врежува кај секој човек кој прележал ковид како запис на грамофонска плоча.
„Нуркачите знаат што е хипоксија и јас знам што е хипоксија бидеќи ми пукнало црево на 40 метри и да останам во боцата без воздух. Истото тоа го чуствува и човекот што е на кислородна подршка. Кога ќе сте вие во некоја хипоксија сосема други механизми откочувате во организмот. Така што тој страв , само психички тој е оптоварен, а да не кажам органските пореметувања на самата плуќа. И сега ако цела таа плуќа вие ја оптоварите со компримиран воздух тогаш можат да настанат катастрофални последици“, вели д-р Балевски.
Балевски ги споделува своите искуствата пишуваќи за угледни светски медицински списанија при што нагласува дека ги следи сите светски студии за постковид нуркање и активно спортување каде што сеуште се анализира сегашната состојба.
Сашо Нелоски
