Битола

Третиот бран ги зголеми повиците во итната помош

23.03.2021 14:41

По краткото затишје повторно жешки телефоните во битолската итна медицинска помош.Третиот ковид бран ги зголеми повиците за 50 проценти. Дневно има и до 40 интервенции од кои најголем дел се за ковид симптоми. Функционираат 16 медицински екипи...

Ако инфектолозите битката ја водат во ковид- центарот, 16 медицински екипи на Итната медицинска помош се оние кои најчесто ја имаат првата средба со сомнителните пациенти. Секој со своја приказна и случувања што долго ќе ги паметат. Младата лекарка Ана Талевска, вели дека имала само тригодишен стаж кога се соочи со првиот ковид повик и првата темелна подготовка за ваква интервенција.

Фактот што 40 проценти од медицинскиот персонал од ова установа досега бил инфициран, говори за несебичната посветеност. Стравот постои, но по една година искуство рутината и подготовката за интервенција е многу повисока. Она што цел живот и помладите и постарите лекари ќе го паметат е кога пациентот моли за помош, а потесното семејство доживува тешки моменти.

Учествуваат и во транспортот до ковид- центарот каке денеска се хоспитализирани 84 пациенти, од кои најголемиот дел се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка. За жал по вчерашните три, до утринава починати се уште четири лица.

Стевче Митревски