Расте бројот на заразени и починати од Ковид-19
Расте бројот на заразени и на починати од коронавирусот. Неделениот извештај на Институтот за јавно здравје ги потврди негативните трендови. Болниците преполни, низ државава се отвораат нови ковид-одделенија...

И покрај 12 дневниот полициски час, бројот на новозаболени и починати и натаму е во пораст. Речиси 6.900 случаи позитивни на коронавирусот се регистрирани за една недела или за 26,4 проценти повеќе од претходната седмица. Во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје запишани се и 158 смртни случаи, зголемување за 22,5 насто. И покрај ваквите трендови, засега нема нови мерки кои би придонеле за забавување на ширењето на заразата, освен полицискиот час од 22 до 05 часот.
„Не е исклучена можноста да се воведат нови рестриктивни мерки, пресекот на епидемиолошката состојба ќе покаже дали ќе се засилат мерките. Комисијата за заразни болести предлага мерки за забавување на ширење на заразата од Ковид 19, согласно епидемилошките анализи каде е опфатено како се движи процентот на позитивност, заболени и заразени лица во сите возрасни групи, инциденца по градови и друго“ – велат од Министерството за здравство.
Скопје е на врвот на листата по бројот на заболени. Третиот бран коронавирусот забрзано се шири меѓу младите. Во услови кога масовната вакцинација на населението не е започната, единствено што им останува на граѓаните е да ги почитиваат мерките.
Во ковид центрите низ државата се хоспитализирани речиси 1.400 пациенти. Надлежните уверуваат дека има слободни кревети, а според последните информации од Министерството за здравство, останати се околу 300 легла.
Новиот бран на коронавирусот повторно ги исполни болниците со пациенти. Само во последното деноноќие во ковид- центрите во главниот град хоспитализирани се 70 граѓани поради компликации од вирусот, најголем дел од приемите биле на интерните и хируршките клиники.
Засега против ковид во земјава се имунизираат само здравствените работници.
Андријана Атанасовска
