Економските мерки заглавени во Собрание, партиите си ја префрлаат одговорноста

23.03.2021 15:25

Собранието во ќор- сокак. Економската помош за граѓаните и за компаниите заглавена, партиите си ја префрлаат одговорноста. Власта за блокадата ја обвини целата опозиција. Оттаму одговор - одолговлекуваат зашто буџетот е празен...

Партиите ја продолжуваат жестоката расправа кој е виновен за политичкиот ќор- сокак во кој заглавија економските мерки за помош на граѓаните и на стопанството. Социјалдемократите  директни: ВМРО-ДПМНЕ, заедно со неформалните коалициски партнери Алијанса и Левица, заеднички учествуваат во блокирање на законодавниот дом. „Како парламентарно мнозинство ќе ги искористиме сите деловнички и законски можности, законите во интерес на граѓаните да бидат донесени“, велат од мнозинството.

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било против помош на стопанството, но во моментов единствено таков закон не им одговара да се донесе на СДСМ, затоа што немаат пари во буџетот – вели портпаролот Арсовски. Тој нагласува дека пакетот мерки можел да се изгласа кога се гласаше доверба на Владата.

Политичкиот клинч продолжува и преку Алијанса и Алтернатива, кои ја блокираат работата на Собранието со илјадници амандмани затоа што ниту власта ниту опозицијата не го прифаќаат нивниот Закон за државјанство.

И додека Реџепи демантира оти рекол граѓаните да издржат без плата еден месец, ВМРО – ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори, а СДСМ не прифаќа и вели со стабилно мнозинство ќе ги изгласа законите.

 

Миле Ристески