Генерација на изгубени деца?
Детската организација верува дека 300 илјади деца се надвор од училиштата во Либан, заедно со 93 илјади во Јордан, 78 илјади во Турција, 26 илјади во Ирак и 4 илјади во Египет, што претставува речиси половина од 1,2 милиони деца бегалци...

Сирискиот конфликт влезе во четвртата година. Насилството и крвопролевањето имаат силен ефект врз децата во училишна возраст.
Образовниот систем е во колапс. Училиштата кои не се бомбардирани, се претворени во воени штабови и засолништа. Над 2,8 милиони деца, немаат можност за образование. Тоа се повеќе од 50 проценти од сите лица на таа возраст, констатира УНИЦЕФ.
Но, малото монтажно училиште во населба за бегалци, во блзина на Маждал Анжар, пограничен град во источниот дел на Либан, претставува извор на надеж за децата.
Шаторот којшто секојдневно, четири часа е претворен во училиште, вообичаено е дом на сириска фамилија бегалци. Импровизираното училиште нема учебници, клупи, столови и компјутери.
Со хартија и моливи, две млади жени кои и самите се бегалци, ги учат децата да читаат, пишуваат, сметаат и да рецитираат песни. Но и покрај тешкотиите,тие не се откажуваат.
Учителката Ханади стравува деца децата ја губат својата иднина, и се надева дека импровизираното образование барем малку ќе ги надомести потребите на децата.
„Кога започнавме, сфативме дека многу деца имаат тенденција кон насилство. Некои од нив не сакаа никакви контакти со другите, а останатите цело време плачеа, беа исплашени, но сега, полека но сигурно ги надминуваме проблемите“, вели Ханади, учителка на децата бегалци.
Детската организација верува дека 300 илјади деца се надвор од училиштата во Либан, заедно со 93 илјади во Јордан, 78 илјади во Турција, 26 илјади во Ирак и 4 илјади во Египет, што претставува речиси половина од 1,2 милиони деца бегалци.
Сириските бегалци се поочајно бараат од директорите на либанските училишта, да им овозможат основна формална едукација на нивните деца, во и онака преполнетите училишта на оваа земја. Но не може да се најде место за сите деца, а оние што влегоа во образовниот систем на Либан, полека но сигурно се вклопуваат
Бројот на сириските деца кои не посетуваат училишна настава е веројатно многу поголем, бидејќи податоците на УНИЦЕФ не ги имаат предвид децата чии родители не се регистрирани како бегалци.
Според податоците на УНИЦЕФ, повеќе од 10.000 деца се убиени во граѓанската војна во Сирија, а многу млади лица биле сведоци на убиствата на нивните родители.
Роберт Димковски
