Европарламентот утре ќе расправа за годишниот извештај за земјава
Европскиот парламент утре ќе расправа и гласа за годишниот извештај за Македонија, за чија резолуција групите на Зелените и Социјалистите доставија предлози за измени и дополнувања, кои се однесуваат на непримерното и провокативно однесување на бугарските власти …

Во Европскиот парламент веќе премина во навика, кога се расправа за напредокот на Македонија, една национална делегација да се лути и да се спротивставува или да поставува услови. Годинашнава дебата не исклучок, ако до пред некоја година тоа беа грчките европратеници, сега се тоа бугарските.
Расправата која ќе се води утре, за годишниот Извештај, а потоа и гласањето за резолуцијата предложена од Илхан Ќучук, сигурно е дека Европскиот парламент ќе ги повика земјите-членки на Унијата да ги почитуваат своите заложби и да покажат вистинска политичка волја за да му овозможат на Советот да ја одобри рамката за преговори и да ја одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, што е можно поскоро со цел да се избегне натамошно одложување за потврдување на веродостојноста, објективноста и кредибилитетот на процесот на пристапување.
Битката сигурно дека ќе се води околу неколкуте амандмани, едниот од тој на групата на Зелените и Социјалистите, кој се однесува на непримерното и провокативно однесување на бугарските власти.
Во амандманот, на Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска), претставници на бугарската Влада се обвинети за провокативни изјави за историски прашања кои ја засегаат Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство, при што се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија. Додека со вториот се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Македонија на овие провокации.
Од редовите на ЕНП, пак е предложен амандман бранет од Михаил Гелер од Германија, кој се однесува на немањето напредок во спроведувањето на претходните препораки на Европскиот парламент за дискриминација на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет и /или етничко потекло и силно ги охрабрува властите и граѓанското општество да преземат соодветни мерки за историско помирување со цел да се надминат поделбите помеѓу и во рамките на различни етнички и национални групи, вклучително и граѓани со бугарско потекло.
Со ова надгласување во ЕП околу бугарската блокада, ќе остани во сенка напредокот кој е постигнат во изминатиот период од страна на Македонија во реформите потребни за европската интеграција, но и за преостанатите задачи.
Тони Гламчевски, дописник за МРТ од Франција
