Двете страни на навредувањето

Дали навредата теба да се сфати како понижување или како опомена што носиме скриено во себе?

24.03.2021 14:29

Човекот кој што е навреден, не треба да ги доживува другите како непријатели, туку како помагачи за да го открие она што се уште не го осознал за себе. Човек кој што е сигурен во своите ставови и вредности, нема лесно да се навреди.

Кога ќе нѐ заболи туѓиот збор, коментар, опаска, ние се навредуваме, но, што зборува тоа за нас? Која е пораката до нашето битие? Во нас се будат внатрешните конфликти и комплекси за кои можебе и не знаеме дека постојат. Всушност најмногу нѐ навредува вистината за нас која сме ја потиснале, која што не ја прифаќаме, затоа што сакаме да имаме друга перцепција за себе, со оние особини што ги почитуваме.

Никогаш не можете да навредите некого кој што не сака да биде навреден. Што претставуваат навредите? Навредата е израз на карактерот на оној што ја упатува, комбинирана со доза на фрустрација и есенцијална омраза. Понекогаш ниту во пцовката, ниту во клетвата, омразата не се огледува толку јасно колку во обидот за навреда. Еве неколку причини зошто некој сака да навредува:

 Оној што навредува нема аргументи со кои може даму се спротивстави на соговорникот, или можеби поради недостаок на аргументи се чувствува инфериорно. Инфериорноста го полни со омраза, која пак се трансформира во гнев, а гневот во вербален меч, Тоа е обид да му се намали вредноста на соперникот и да биде повреден . Тогаш тој што навредува се чувствува подобар и поголем од соперникот и чувствува олеснување

Навредувајќи ги другите ние зборуваме за самите себе, за својата немоќ и стравови. Всушност докажуваме дека не сме самоуверени, туку слаби и уплашени. Тоа е еден обид да се ослободиме од внатрешната напнатост.

Од друга страна пак, навредувајќи се од нечии зборови, ние ја потврдуваме својата немоќ, страв, покажуваме недоверба во себе и дека не сме доволно ментално силни. Се навредува човек што има комплекси на супериорност и се чувствува гордо и вообразено, но и човек кој што има комплекс на инфериорност. Тој е несигурен, нема доволно самодоверба, затоа што гради слика врз туѓи мислења, или крие нешто кое што не сака да го видат и другите, Тогаш и упатените зборови од друг човек ги смета за релевантни, затоа што туѓото мислење му е многу важно, Така постојано се става во ситуација да биде несреќен, затоа што другите може лесно да му ја разнишаат сликата за себе. Но човекот кој што е навреден, не треба да ги доживува другите како непријатели, туку како помагачи за да го открие она што се уште не го осознал за себе. Човек кој што е сигурен во своите ставови и вредности, нема лесно да се навреди. Тој е свесен за себе и сѐ ќе профилтрира низ својата свест.

Оние што лесно се навредуваат и вознемируваат, треба да размислат што е тоа што го носат длабоко во себе, што не им се допаѓа, што не им служи. Навредените треба дури и да им бидат благодарни на тие што ги навредуваат затоа што им дале прилика да го увидат тоа и да се разбудат. Но, сето тоа не е лесно да се согледа кога ќе зовријат емоциите, до тој степен што повредената личност сака да возврати жестоко или да се повлече уште повеќе во својата несигурност и несовршеност. Не лесно ниту да се сфати оваа препорака, зашто гордоста и егото не го дозволуваат тоа. Навредите се лекции на животниот пат кои треба да се надминат за да стане зрел човек.

Постои една поговорка која вели„ Кога дланката е здрава и отровот на неа нема да продре и да го боли, но ако има рана на дланката, што и да се стави на неа ќе боли додека не заздрави“.

Соња Стојановска