Повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело
Повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело, казниво е со затвор до пет години, велат од Владата. Информираат дека е обезбеден потребниот број на попишувачи за статистичката операција. Од нерезидентното население досега се попишани вкупно 137.114. Од Заводот за статистика велат дека расте бројот на попишани во дијаспората...

Учеството во пописот е задолжително, а повикувањето на бојкот е кривично дело, казниво со затвор до пет години, појаснува владиниот портпарол Арсовски. Од Владата информираат дека е при крај селекцијата на кандидатите, со што целосно ќе биде обезбеден потребниот број попишувачи.
Изготвен е и Здравствен протокол за пописот и тој нема да го зголеми бројот на заразени со Ковид-19. И од Државниот завод за статистика уверуваат дека ќе биде заштитено здравјето на попишувачите и на попишаните граѓани.
Според податоците од нерезидентното население досега се попишани нешто повеќе од 137 илјади. Бројката расте и во САД, Австралија и Канада. Државниот завод за статистика информира дека на располагање се отворените линии за комуникација достапни на веб- страницата „Popis2021.stat.gov.mk“ . Пописот од први до 21-ви април ќе го спроведуваат над 5.000 попишувачи и 500 инструктори во 50 реони.
Дијана Ценевска
