Се подобрува стандардот на пензионерите
Со последното мартовско покачување, просечната пензија во земјава споредбено со 2006 година е зголемена за 62 процента. Пензиите линеарно се покачија за 600 денари.Околу 300 илјади граѓани го почувствуваа ефектот од линеарното зголемување на пензиите, особено оние со најниски примања...

Покачени пензии, бесплатен автобуски превоз и бањско лекување, намалени цени на лековите, бесплатно болничко лекување за пензионерите кои земаат пензија под просечната...Повозрасните граѓани последниве години добија низа поволности.
„На посиромашните им дадоа повеќе, по 10, 20 проценти... Во 2000 година земав 9.500 пензија, сега имам 16 000...“, велат анкетираните пензионери.
Жените над 62 и мажите над 64-годишна возраст користат и бесплатен автобуски превоз во Скопје. Од ЈСП најавија дека од оваа година и во недела ќе има гратис возење за повозрасните граѓани.
„Особено кога е сончево, возрасните граѓани ја користат оваа услуга, дури се јавува понекогаш и метеж во нашите автобуси. Ние се трудиме да го следиме тоа, и тие денови пуштиме и дополнителни автобуси,особено накај Катланово и кон други слични такви места, каде што е навистина неопходно да се зголеми нашиот капацитет“, изјави Мишо Николов, директор на ЈСП.
Поради бесплатното возење или нешто друго, некои пензионери почнаа да пеат во автобусите...ова видео деновиве е хит на интернет.
Од ЈСП велат дека доколку постојат финансиски можности, оваа услуга во иднина ќе биде зголемена и повеќе денови во неделата.
„Ние сме задоволни, само на младите им правиме многу гужва...Задоволни сме, ама подобро ќе биде ако биде сите денови...Задоволни сме, нема што тука, бесплатно е, еве одам на лекар...“, велат пензионерите коишто ги сретнавме во автобус на ЈСП.
Со последното мартовско покачување, просечната пензија во земјава споредбено со 2006 година е зголемена за 62 процента. Пензиите линеарно се покачија за 600 денари.
Околу 300 илјади граѓани го почувствуваа ефектот од линеарното зголемување на пензиите, особено оние со најниски примања.
Во изминативе три години се реализира и проектот „Бањско-климатска рекреација“.
„Супер, добро е. Јадење, спиење, шетање кој сака...се е убаво...Јадеме, се бањаме...го продолжуваме животот...“, велат пензионерите на бања.
Досега 22 илјади пензионери ја искористиле оваа услуга. За годинава бројот на поднесени барања е ист како за сите три години заедно. Отворени се и дневни центри за пензионерите, реконструирани се и домови за стари лица.
Ана Јосифоска
