Пандемијата го зголеми бројот на социјално ранливи граѓани во струшко
Ковид пандемијата придонесе за пораст на бројот на сиромашни во однос на минатите години, причина е тоа што дел од граѓаните останале без основните приходи за егзистенција.

Расте бројот на социјално загрозени во струшко. Моментално во Центарот за социјални работи евидентирани се 400 ранливи граѓани од Струга и Вевчани.
Ковид пандемијата придонесе за пораст на бројот на сиромашни во однос на минатите години, причина е тоа што дел од граѓаните останале без основните приходи за егзистенција.
„Бројот на социјално загрозени домаќинства, бидејќи станува збор за варијабилна бројка, изнесува околу 400 корисници. Споредено со минатите години во 2020 и 2021 година имаме благ пораст на корисници кој се должи пред сè на состојбата, односно на пандемијата со Ковид- 19“, вели Мевмед Халили директор на Центарот за социјални работи Струга.
Расте бројот и на питачи по струшките улици. Во изминативе три месеци, полицијата затекна и казни 10 лица кои питачеле, меѓу нив имало и малолетни деца.
„Од почетокот на годинава до денес на подрачјето на Струга извршени се десет контроли и затекнати се десет лица кои вршат питачење во централното градско подрачје. Во текот на минатата година реализирани се 28 акциски контроли и затекнати се 30 лица коишто вршат питачење. Голем дел од питачите се и од други градови“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Питачи има и од други градови, кои престојуваат кај приватни станодавци во Струга без легално да бидат пријавени. Прекршочни пријави за вакво дело заработија пет станодавци од Струга. Во една соба се сместувале и по десет лица. Казната за лицата коишто се затекнати при питачење изнесува од 15 до 50 евра.
Соња Рилковска
