КОРЕЈСКИ ПОЛУОСТРОВ

Северна Кореја истрела две балистички ракети во Јапонско Море

25.03.2021 12:35

Осуда за чинот од Сеул и Токио, САД засега без коментар...

Јужна Кореја и Јапонија го осудија последниот севернокорејски тест на балистички ракети во Јапонско Море. Ова е втората ваква проба во последнава недела. Претходните два проектила завршиле во Жолто Море. Тестовите со ова оружје ѝ се забранети на Северна Кореја според Резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„На состанокот со Русија изразивме сериозна загриженост за последните тестирања на Северна Кореја на балистички проектили со краток дострел во период кога нашите влади прават напор за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, изјави Чунг Еуи-јонг, министер за надворешни работи на Јужна Кореја.

„Важно е да се задржат мирот и стабилноста не само на Корејскиот Полуостров, туку и во цела североисточна Азија. Ова вклучува прекин на трката за вооружување и сите воени активности од страна на сите засегнати нации“, вели Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

„Во ваков момент е неопходно да се зголемат надзорот и внимателноста.  Свикан е вонреден состанок на Советот за национална безбедност за да се соберат информации и да се расправа за можни мерки“, изјави Кацунобу Като, генерален секретар на владата на Јапонија.

Според Индо-пацифичката команда на вооружените сили на САД, балистичките ракети претставуваат закана за соседните земји и меѓународната заедница. Лансирањето е прв таков тест откако Џо Бајден е на чело на САД. Неговата администрација се пожали на дипломатски ќор-сокак поради неуспешниот обид за воспоставување контакт со Пјонгјанг.

 

Маја С. Филдишев