Охрид: Бројот на заразени и хоспитализирани од Ковид-19 постојано расте
Третиот бран на пандемијата ги исполни капацитетите на охридската Општа болница. За разлика од минатите два овој е карактеристичен по тоа што околу половина од хоспитализираните се млади лица до четириесет години. Според епидемиолозите, причина за тоа е непочитувањето на протоколите и мерките за заштита во дел од угостителските објекти, ноќните забави и групирањата на повеќе лица кои што не носат заштитни маски.

Рекорди 56 заразени лица од Ковид-19 е вчерашниот биланс во Охрид, бројка што е најголема од почетокот на пандемијата. За само една недела се заразиле над 240 граѓани, седум починале, а близу 650 се активни. Општата болница е преполна со пациенти, а она што загрижува е информацијата дека дури 50 проценти од нив се млади лица помеѓу 27 и 40 години.
„Има навистина голем наплив на пациенти од пациенти во овој бран. Во болницава се хоспитализирани околу 94 пациенти во овој момент било потврдени или суспектни на Ковид-19, уште се чека на некој резултат од брисот. Сите се во средно тешка или во многу тешка општа состојба и голем дел од нив , некаде 70 во моментот се на кислородна подршка“, изјави д-р Филип Димоски, општ лекар.
Поради зголемениот број на пациенти уште сега се направени подготовки за ослободување на нови оддели за ковид пациенти, а болницата работи со редуцирана оперативна програма.
„Ако се укаже потреба од дополнителни болнички капацитети веќе е подготвено нервното одделение да се префрли во хируршкиот блок, а пациентите што се од интерна патологија и не се поврзани со ковид примаат терапија и се хоспитализираат во хируршкиот блок. На тој начин добиваме дополнителни дваесет и нешто кревети за позитивни пациенти“, изјави д-р Горан Балевски, директор на Општа болница - Охрид.
Ваквата состојба според инфектолозите се должи на организирањето на забави, собирањето на млади лица во станови, непочитувањето на протоколите во некои угостителски објекти и неносењето на заштитни маски при што се создаваат главно семејни кластери.
Сашо Нелоски
