Вархеји се надева на одржување на првата меѓувладина конференција до јули
Што побрзо да почнат преговорите со Северна Македонија-широка поддршка од европратеници во Европскиот парламент. Се чека гласањето. До први јули е можно да се одржи првата меѓувладина конференција, најави еврокомесарот Вархеји. Во фокусот на расправата околу годишниот извештај за напредокот на земјава, апел за конструктивен дијалог, да прекинат провокативните изјави од Бугарија-барања на групите на зелените и социјалистите …

Можно е првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1-ви јули, рече еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во своето обраќање пред европратениците во Брисел, на дебата на која се разгледуваат извештаите за напредокот на Македонија, Албанија и Србија во евроинтегративниот процес.
„Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и договорот со Бугарија треба и понатаму да се имплементираат со доверба од двете страни. Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите и да најдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките европски интереси“, изјави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Во фокусот на расправата за годишниот извештај беа провокациите на Бугарија кон нашата држава. Во таа насока и известувачот Ќучук апелираше на конструктивен дијалог меѓу Бугарија и Македонија, бидејќи секое одложување може да ја загрози објективноста на пристапниот процес.
„Блокирањето на европскиот процес не е во интерес на никој, ниту на Европската Унија, ниту на Северна Македонија, ниту пак на Бугарија. Двете страни треба да најдат соодветно решение за историските процеси. Во таа смисла потребна е доверба од двете страни, пред сè кон договорот а со цел да дадат придонес кон исполнувањето на заедничкиот проект Европската Унија“, изјави известувачот Ќучук.
Претходно парламентарните групи на зелените и Социјалистите доставија амандмани, кои се однесуваат на провокативно однесување на бугарските власти спротивни на духот за добрососедство. Четворицата европратеници од Хрватска, Словенија, Австрија и Полска бараат од бугарските власти да прекинат да користат провокативни изјави против Македонија, и додаваат дека нивните барања за ревизија на историските прашања и за идентитетот немаат никаква поврзаност со критериумите на ЕУ.
Очекувано, Бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите оценувајќи ги како злонамерни и тенденциозни кои содржат квалификации неприфатливи за Бугарија.
Марина Стојанова-Тонева
